Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето на штипската телевизија Стар рече дека ако Зоран Заев прифати дека тука наместо окупатор имало бугарска администрација ќе значи прифаќање на сите бугарски позиции за асимилација.
-Андреј Ковачев вели дека македонската страна треба да ја смени историјата и дека во историјата наместо бугарскиот фашистички окупатор треба да стои бугарската администарција. Прифаќањето на терминот бугарско администрирање после 1941 година подразбира дека ние прифаќаме се што бара Бугарија, а тоа е дека пред 1945 не постои македонската нација и не постои македоснкиот јазик. Како тоа би изгледало во пракса и што би значело? Тоа значи дека во 1941 влегува бугарската војска и практично ја ослободуваат Македонија од окупацијата која ја спровело Кралството СХС, а подоцна Југославија и ги ослободила своите Бугари родени на географската територија Македонија, а потоа 1944-45 лошите партизани повторно ја освојуваат оваа територија и лошиот Тито ја создава современата македонска нација која говори западен дијалект на бугарскиот јазик. Тука се заборава на Пулевски и се што се случило. Тоа е неприфатливо извртување на фактите, рече Мицксоки.
Мицкоски укажа дека вакво нешто е навреда кон граѓаните.
-Кој може ова да го прифати, кој може да прифати вакви флоскули, не можеме да го прифатиме и некој кој си игра со тие факти, сите тие ќе наидат на отпор од ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски.