Јакобсен: Ова е фантазија, направивме нешто што никому не му успеало

Ракометарите на Данска го комплетираа својот „хет-трик“, освојувајќи ја третата последователна титула на Светските првенства. Вчера во Шведска, скандинавскиот колектив беше подобар од Франција со 34-29 и третпат во низа стана мундијалски првак.

По мечот, еден од „творците“ на оваа златна данска репрезентација, селекторот Николај Јакобсен, го изнесе своето мислење.

„Немам многу паметни зборови во моментов. Можам да кажам дека ова е фантазија, да си во ваква ситуација, да направиш нешто што не му успеало никому во историјата… Фокусот кој го имавме низ турнирот е нешто што не сум го виде досега, како и начинот на кој го одигравме финалето против неверојатно силен ривал.

Имаме многу врвни ракометари, а денес ни беше неопходен придонес од сите на теренот. Имавме посебен, дополнителен дел на тренингот посветен на Лауге, да видиме колку е подготвен да игра финале. Тој беше одлучувачки фактор во второто полувреме. Видовте и што ни донесе влегувањето на Менсах Ларсен, влезе и даде два гола кога се „кршеше натпреварот“. Сите дадоа свој придонесе, ова е неверојатен меч на нашата репрезентација“, кажа Јакобсен.

Данците покажаа доминација каква што светот досега не видел, го креваа трофејот за светскиот првак во 2019, 2021 и сега, што е подвиг за почит.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.