Актерката Силвија Стојановска останува во куќен притвор

Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека е поднесено обвинение против актерката Силвија Стојановска и против уште едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Според соопштението, по спроведената меѓународна операција „Колибри“ во која беа приведени петмина од кои две лица во Македонија и три во Шпанија, надлежниот јавен обвинител спровел истражна постапка. Како што е наведено, во текот на истрагата обвинителството утврдило дека од јули 2019 година до 18 декември 2019 година, обвинетите учествувале во купување, пренесување и продавање кокаин.

„Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување кокаин од Колумбија до Мадрид и барале купувачи. За да не бидат откриени, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки“, се вели во соопштението.

Обвинителството му предложило на судот да ја продолжи мерката притвор за првообвинетиот и мерката куќен притвор за второобвинетата.