„Актива“ ќе го гради мултимедијалниот центар во Штип

Центарот за развој на источниот плански регион и штипскиот гигант „Актива“ потпишаа договор за изградба на мултимедијален центар во Штип. Станува збор за реализација на проектот „Вмрежување на мултимедијални центри во прекуграничниот регион-CREATIVA“ кој е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ. Носител на проектот е Центарот за развој на Источниот плански регион со седиште во Штип и народното читалиште „П.Р.Славејков-1938“ од с.Брезница, Општина „Гоце Делчев“ од Бугарија, пренесува „старплус“ на ТВ Стар. Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев кој присуствуваше на потпишувањето на договорот, изјави дека со игзрадбата на овој објект, овој дел од градот ќе биде најубав.

– Ова е проект преку кој ќе создадеме трајно дело за градот и ќе ја урбанизираме локацијата која порано беше дувло на наркомани. Со изградбата на овој објект, ќе имаме нешто што ќе биде на користење за идните генерации и кој ќе биде посветен на младите а истиот ќе биде изграден со пари од европските фондови.

Иле Николов, сопственик на „Актива“ кажа дека објектот ќе биде изграден во утврдените рокови:

– Можам да кажам дека сум задоволен што на тендерската постапка победи „Актива“ која има искуство во вакви зафати. Можам да кажам дека професионално ќе работиме, некаде до октомври, најдоцна ноември објектот ќе биде изграден а веќе во декември сите ќе бидеме дел од свеченото отворање на мултимедијалниот центар. Со изградба ќе почнеме на почетокот на март.

Вредноста на проектот е 448.840 евра, од кои Општина Штип ќе добие 300.000 евра а бугарската страна 148.000 евра. Мултимедијалниот центар во Штип треба се гради на местото на старото „Летното кино“ кое претставуваше грда слика за градот и не е во функција повеке од 20 години. Општина Штип учествува со 50% од потребните средства за изградба на овој објект а како дел од обврските, го расчисти и теренот пред  отпочнување со градба. Проектот се спроведува од 18 декември 2013 па до 17 декември 2015.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.