Активирана итната помош на ЕУ за Хрватска по земјотресот

По земјотресот што ја погоди Хрватска вчера, Европската комисија соопшти дека е активиран механизмот за цивилна заштита на ЕУ и помошта веќе се мобилизира, јави дописничката на МИА од Брисел.

Цивилниот механизам на ЕУ овозможува брза реакција во случај на природни катастрофи преку снабдување итно потребна помош.

Веќе се мобилизирани шатори, кревети, душеци, греалки и вреќи за спиење од Словенија, Унгарија, Австрија и Италија за брзо распределување во најпогодените делови на земјата.

-ЕУ е тука да и помогне на Хрватска во овие тешки времиња. Европската поддршка е на пат. Им се заблагодарувам на Словенија, Унгарија, Австрија и Италија за нивните понуди преку нашиот цивилен механизам за заштита, изјави еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера зборувала телефонски со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за да му потврди дека ЕУ останува солидарна со Хрватска, изјавија од ЕК.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.