Активисти на Extinction Rebellion се залепија за слика на Пикасо

Двајца климатски активисти на групата Extinction Rebellion се уапсени во неделата, откако се залепиле за дело на славниот сликар Пабло Пикасо во Националната галерија на Викторија во Мелбурн, објави CNN.

Активистите се залепиле за стаклената заштита на Пикасовиот „Масакр во Кореја“, стоејќи со транспарентот „Климатски хаос = војна + глад“, со што имале намера да ја нагласат наводната поврзаност меѓу климатската катастрофа и човековото патење, објави организацијата на Twitter.

„Доколку продолжиме да одиме по моменталниот пат, ќе се соочиме со колапсот на сето што ни ја дава нашата сигурност, што ќе доведе до судири“, наведува групата цитирајќи го природонаучникот и телевизискиот водител Дејвид Атенборо.

Уапсена е 49-годишна жена од австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, 59-годишен маж од предградие на Мелбурн и уште еден 49-годишен маж, објави полицијата.

Групата Extinction Rebellion наведува дека ниедно уметничко дело не е оштетено во инцидентот.