Активисти за правата на животните се соблекоа голи и се полеаја со боја во Барселона

Десетици активистки и активисти за правата на животните се соблекоа голи и се полеаја со лажна крв во неделата во центарот на Барселона, во протестен перформанс против индустријата на кожа и крзно.

Пријателите на животните легнаа на земја, едни преку други, на плоштадот Каталуња, една од главните туристички точки во Барселона. Една активистка меѓу нив, клечејќи, држеше натпис со порака на англиски и шпански јазик: „Колку животи за еден капут?“.

Протестот го организираше шпанската гранка на невладината организација за правата на животните Анима натуралис, порачувајќи дека „општеството мора да дознае за суровоста во индустријата на крзно“.

Ја спроведовме оваа акција за да ја кренеме свеста за фактот дека 32 милиони животни се убиваат секоја година за нивните кожи да се претворат во едноставни модни предмети, кажа координаторката на организацијата Кристина Ибанез.

Целта на акциите како оваа е да се големи свеста во декември, кога станува сѐ поладно, и да се допре до максимален број луѓе за да кажеме дека тука ги претставуваме животните, додаде активистот Еикиел.

Минатата година активистките од истата група протестираа носејќи рогови, прекриени со лажна крв и фрлајќи црвен прав во воздух, против годишните трки со бикови на улиците на шпанскиот град Памплона. Им се придружија и активистите на познатата организација Луѓето за етички третман на животните (ПЕТА).