Активистите на Greenpeace во Мадрид истакнаа плакат против конзумеризмот

Активистите на глобалната еколошка организација Greenpeace на една од главните улици на шпанската престолнина Мадрид во петокот поставија транспарент против конзумеризмот, односно потрошувачкото општество, на денот на големата распродажба „Црн петок“.

На плакатот кој се појави во раните утрински часови на зграда на улицата „Гран Виа“ на којашто се сместени голем број продавници, се истакнува „потрошувачката = климатска криза“. Покрај, тоа активистите на организацијата изведоа акции во продавниците, истакнувајќи ги плакатите „Црн ден за планетата“.

„Ние сме на Гран Виа во Мадрид, за да објавиме на ‘Црниот петок’ дека масовната потрошувачка ја влошува климатската криза. Остануваат само три дена до почетокот на COP25 и со оваа акција сакаме да ве потсетивме: прекумерната потрошувачка и индустриските активности, коишто ја поддржуваат неа, стојат зад порастот на температурата на планетата“, се вели во објавата на организацијата.

Според податоците на Greenpeace, 74 отсто од жителите на Шпанија ќе купуваат на ‘Црниот петок’ и ќе потрошат во просек по 300 евра. Истовремено, тврди организацијата, 31 отсто признаваат дека ќе купат она што не им е потребно. Шпанците ќе остават најголем дел од парите во продавниците за техника и облека.

„Нам не ни се потребни самити на кои се даваат само изјави, туку самити од кои се преземаат строги мерки“, изјави претставничката на Greenpeace, Селија Охеда.

Од Greenpeace бараат намалување на емисијата на јаглерод диоксид за 65 отсто до 2030 година во Европа и 55 отсто во Шпанија, а сметаат дека до 2040 година неопходно е да се постигне нулта емисија.

Во петокот шпанските активисти на движењето „Петок за иднината“ организираа собир пред зградата на конгресот.

Конференцијата на ОН за климатските промени COP25 ќе се одржува во Мадрид од 2-ри до 13-ти декември, а на неа ќе учествуваат претставници од 196 земји, вклучително и педесетина шефови на држави или влади, челниците на ЕУ, генералниот секретар на светската организација, челниците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Меѓуамериканската развојна банка.

Во текот на конференцијата, активистите планираат да одржат серија различни настани, меѓу кои и Јавниот самит за климата на универзитеот Комплутенсе и масовен митинг на 6-ти декември. Претходно шпанската министерка за екологија на заминување, Тереза Рибера изрази надеж дека настаните ќе се одвиваат мирно и „конструктивно“.

Се очекува на овој самит да пристигне и основачот на движењето „Петок за иднината“, Грета Тунберг, којашто во моментов плови со приватниот катамаран преку Атлантскиот Океан.