Активни 13 697 ковид случаи, дневно над 1000 новозаразени, со реинфекција 351 лице

Рекорден број на починати од Ковид-19 во четвртиот бран беше евидентиран во вчерашната статситика на Министерството за здравство за претходното деноноќие. Меѓу починатите 36 лица е и 24-годишно момче од Ресен. Бројот на новозаразени во изминатиот период се движи околу 1000 дневно. Анализите на МЗ покажуваат дека 83 отсто од новозаразените не биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 89. Само 10 отсто од починатите во август биле вакцинирани.

Најновата анализа на Министерството за здравство говори дека од 6 до 26 август се заразиле 17 020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани.

-Само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведоа вчера од МЗ.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со КОВИД-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Министерството за здравство информира и дека рапиден раст е детектиран на реинфекции со Ковид-19 во период од 15 август до 22 август. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот.

-Укажуваме на важноста од вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, порачаа од МЗ.

Како што соопшти Министерството за здравство, завчера биле вакцинирани 11 833 лица против Ковид-19, од нив 7 625 со прва доза. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 703 557 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516 797 граѓани.

Со последните бројки, се посочува во соопштението од МЗ, барем една доза вакцина имаат примено 51 отсто од населението над 40 години, како и  26 проценти од населението од 18 до 39 години. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Од Здравствениот центар (ЗЦ) Врање, пак, вчера соопштија дека кај нив се вакцинирале 13 300 Македонци, а се ревакцинирале 11 106 наши државјани.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска соопшти дека досега 65 отсто од вработени во градинките се вакцинирале. Таа информира дека минатиот петок бил организиран состанок меѓу вработените во градинките, претседателот и двајца доктори од Комисијата за заразни болести. Дури 300 вработени ги адресирале прашањата пред докторите од Комисијата за заразни болести. Уверена е дека по овој состанок уште поголем број од персоналот во градинките ќе пристапат во процесот на вакцинација.

Во врска со вакцинацијата се огласи и игуменот на свештената бигорска Обител, епископ Антаниски, господин Партениј, кој порача дека од вакцините во никој случај не треба да се прави теологија, ниту да се третираат како црковно прашање.

– Кој има недоумици, нејаснотии, нека се консултира со матичниот доктор, со некој друг специјалист за тоа, со некоја компетентна институција. Не е работа на духовниците да кажуваат за ефикасноста или опасноста од вакцините. Да не ги мешаме тие работи, бидејќи, во спротивно, гледате, тоа нè понижува сите, нè прави примитивни, декадентни, го понижува Христијанството, кое е вера на светлината, на просветлението, на возвишеното, рече г. Партениј во едно од неговите слова одржани деновиве.

Христовата Црква, дополни тој, отсекогаш ја поддржувала и поттикнувала медицината. -Апостолот и евангелистот Лука, на пример, бил лекар по професија. Првите организирани болници и медицински центри биле отворени во манастирите. Значи, Бог ги благословил лекарите и медицината, вели тој.

Во државата заклучно со вчерашните податоци на МЗ има 13 697 активни случаи на Ковид-19. Од нив, во Скопје се 4948,  Тетово – 2038, Гостивар – 1501, Куманово – 868, Струмица – 675, Кичево – 634. Најмалку има во Дојран, само два случаја.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 173 689, на оздравени пациенти е 154 174, а на починати е 5 818.Бројот на активни случаи изнесува 13 697.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, нагласува дека пописот и изборите нема да бидат проблематични ако се почитуваат протоколите. -Епидемиолошката состојба ќе биде основа какви мерки ќе има во наредните месеци кога ќе има попис и локални избори, но, ако се почитуваат протоколите нема да има проблеми, оцени вчера Филипче од Тетово.

Потсети на минатогодишните избори кога немаше големи митинзи.

-И сега има општи препораки за организирање собири или настани на отворено или на затворено – колкав треба да е капацитетот зафатен од вкупниот капацитет на располагање, дистанците коишто треба да се држат и во рамките на одржувањето на настаните во рамките на протоколите ние не гледаме проблем. Значи, проблем има секогаш кога протоколите не се почитуваат, истакна министерот.

Како што укажа, болниците во другите градови низ државата за разлика од Тетово и Гостивар не се преполни. Тоа го поврзува со повисокиот опфат на вакцинација и се надева дека така ќе остане.

Од Грција вчера беше објавено дека патниците кои ќе влезат во таа земја, од 16 земји меѓу кои и Северна Македонија, а немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во земјата. Дополнителната мерка е вклучена во новата министерска одлука на грчката Влада

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.