Активно се следи состојбата со „мајмунски сипаници“

Во моментов нема опасност од појава на вирусот „мајмунски сипаници“ во Македонија и во континуитет се следи состојбата со заразни болести во државата, како и актуелните случувања со „мајмунска сипаница“ во регионот и држави од Западна Европа, информираат во петокот од Комисијата за заразни болести.

Комисијата за заразни болести, којашто дејствува во рамки на Министерството за здравство претходно во петокот одржа редовна работна средба, на која присуствуваат и претставници од Агенција за храна и ветеринарство, на која беше разгледана состојбата со мајмунски сипаници во Велика Британија.

По дискусијата, во однос на видот на заболувањето, проценка на ризикот и бројот на случаи во Европскиот регион, Комисијата ги донесе следните мерки и заклучоци,  со цел информирање на здравствените работници и населението:

Се задолжува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да подготви едукативно-информативен материјал – флаери за „мајмунски сипаници“ со информации за болеста, начинот на пренесување, мерките за превенција и постапување, со цел информирање на населението и здравствените работници. Едукативно–информативниот материјал ќе биде поставен на веб страната на ИЈЗ, МЗ и Центрите за јавно здравје, а ќе биде доставен и до Здружението на матични лекари. Флаерите ќе бидат дистрибуирани и до патниците, кои доаѓаат од земјите во кои е регистрирана болеста. Исто така, Институтот за јавно здравје да оствари контакт со референтни лаборатории во Европските земји со цел да се оствари соработка за можна конфирмација на случаите.

Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во рамките на своите надлежности се здолжува да ги засили мерките за контрола на внес на приемчиви видови на животни од ризичните земји .

Зајакнување на соработката меѓу ИЈЗ и АХВ, преку навремена  размена на информации меѓу иституциите и следење на епидемиолошката состојба  со мајмунските сипаници.