Активностите за изградбата на патот Прилеп-Градско се одвиваат според планираното

Процесот на експропријација на земјиштето на кое треба да се гради експресниот пат Прилеп – Градско треба да започне во текот на наредната недела, а во ноември треба да бидат одобрени средства за изградба на првата делница од страна на Европската банка за обнова и развој.

Ова денеска го најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески одговарајќи на пратеничко прашање на седница на Собранието на Република Македонија.

– Завршена e изработката на проектите, a пред еден месец беше завршен и усвоен и инфраструктурнот проект. Претходно беше извршена пренамена на земјоделското во градежно земјиште. Во текот на наредната недела ќе започне постапка за експропријација, со што ќе се создадат услови за почеток на изградба на делниците од Прилеп до Градско, рече Јанакиески.

Тој појасни дека изградбата ќе се изведува во три фази. Првата опфаќа 11 километри и двете клисури Фаришка и Дреновска.

– Тоа е инвестиција од околу 44 милиони евра финансирани преку Европската банка за обнова и развој. Средствата за оваа делница треба да бидат обезбедени преку Бордот на директори на ЕБОР во текот на ноември. Очекуваме некаде во првата половина од 2015 година да се распише повикот и потоа да почне изградбата, рече министерот.

Втората делница, додаде, од Градско до клучката во Кавадарци е во должина од 15 километри и е инвестиција од 32 милиони евра.

– Овој проект е веќе дел од Оперативната програма 2014-2020 година за што побаравме средства од ИПА во висина од 32 милиони евра. Очекувам некаде во 2016 година да започне со изградба земајќи предвид како одат процедурите и роковите кога се користат европски средства, појасни министерот Јакимоски.

Останатиот дел или третата делница е инвестиција од околу 6 милиони евра кои ќе се финансираат од средства од буџетот на ЈП за државни патишта за периодот 2016-2017 година.

Министерот Јанакиески најави дека целиот пат треба да биде изграден најдоцна до 2018 година.