Алал да им е, треба на нив да се угледаат

Не сум месија, не сум избраниот, ниту имам таква амбиција. Сепак сум човек и сакам како и секој друг човек на планетава земја да се декларирам така како што се чувствувам, без можност кој било, тоа право да ми го спори.

Од тука, за пријатели ги бирам тие што ме почитуваат изразувајќи го тоа на единствено цивилизиран начин, прифаќајќи ме и почитувајќи ме таков каков што сум, богат или сиромав, со историско минато, наследство и традиции кои со векови наназад ги негувале моите архипредци. Тие што не ме прифаќаат како таков, можат да си врват по својот пат, без право да ме замајуваат со данајски подароци, со ветувања за подобро утре, кога во тоа утре може да ме нема ниту мене, ниту тие како мене.

Упорно не’ убедуваат дека Република Македонија нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ и дека тие се нашите клучни стратешки приоритети.

Слушајќи се и сешто, се присетив на нешто што го учев на студии, а се однесуваше на Лениновото учење за државата, дека сериозна држава секогаш мора да има алтернатива, нешто како и во животот, кога нешто ќе тргне наопаку, ако нема алтернатива, тогаш сте во без излезна состојба. Затоа, како што секој човек за секоја работа што треба да има план Б, така и државата треба да има алтернатива, па макар и потешка, но мора да има алтернатива.

Членството во НАТО и ЕУ, само по себе не е и не може да биде приоритет.

Помина една цела година од промената на власта, но ништо од ветениот живот, наместо живот, добивме живот(ин)арење и изместени државни приоритети кои треба да ги задоволат непринципиелните “демократски авторитети на НАТО и ЕУ”, кои заради глупоста на Грција, по секоја цена сакаат да не обезличат.

Ајде со ред. Нашиве политиканти, кои се декларираат како лидери и државници кои се одважни и храбри да носат важни одлуки (ако обезличувањето значи тоа), не разбираат дека се избрани претставници од граѓаните на Република Македонија за да ги штитат македонските интереси, а не интересите на тие (читајте амбасадите на големите држави, пред се САД, Обединетото кралство и Германија) што сесрдно помогнаа да се промени претходната криминална структура на власта. Но тоа не значеше и дека треба да се устоличат нивни послушници кои се спремни на се, но не и да се борат и изборат за македонската кауза, ниту да го подобрат квалитетот на животот на своите граѓани.

Не ми е јасно како може врвни приоритети на една држава да бидат влезот во НАТО и започнувањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ, кога во земјата нема ниту правен, ниту праведен судски систем; кога во земјата нема владеење на правото подеднакво за сите; кога нема квалификувана ефикасна и ефективна администрација ориентирана кон корисниците на нивните услуги – граѓаните; кога здравствениот систем се распаѓа, а од сенка го водат веледрогериските куќи; кога полицијата е партизирана и криминализирана; кога нема воспоставен систем на институционална меморија и одржлив развој на институциите; кога се поголем број млади стручни кадри си заминуваат од земјата во потрага по подобар живот; кога светот и животот во земјата секогаш започнува со новите власти; кога во земјата цвета клиентелизмот, корупцијата, непотизмот и подданичкиот однос кон власта…до новите избори и се одново во затворен круг.

Состојбите во државата ни се такви да плачат за радикални реформи, но реформи кои ќе бидат спроведени и имплементирани од стручни луѓе, луѓе кои знаат и умеат, а не како сега реформите во судството да ги води човек кој никогаш не учел и не знае што е право. Решавањето на состојбите во државата мора да бидат врвните приоритети, а влезот во НАТО и ЕУ, треба да бидат последица по се што треба да се сработи дома во сопствениот двор. Ако успееме да постигнеме прогрес во сите сфери дома, а бидејќи ние немаме амбиција спротивно на Повелбата на ООН и меѓународниот правен поредок ниту да војуваме со некого, ниту некого да окупираме, уште помалку да бомбардираме, тогаш чуму ќе ни е НАТО, таа организација не ни е требна, неутралноста е извонредна алтернатива, впрочем што и фали на Швајцарија што не е членка на НАТО, ниту на ЕУ?!

Не можам а да не им честитам на партиите од албанскиот блок во Република Македонија, кои и покрај меѓупартиските кошкања, покажаа голема политичка зрелост и дефинираа платформа со барања и услови кои ги обединува и им ја јакне нивната позиција која во многу нешта има елементи на уцени кои се спротивни на поимувањето на унитарноста на една држава.

За разлика од нив, македонските политички субјекти во Република Македонија се однесуваат како да делуваат во различни држави, без дефинирани национални стратешки приоритети (освен оние превртените, членство во НАТО и ЕУ) кои треба да бидат константа без разлика која политичка опција ќе биде позиција, а која опозиција. Дури во едни такви околности, државата никогаш нема да се доведе во позиција некој, кој и да е, да ја уценува и да подметнува кукавички јајца во парламентарниот дом, бидејќи тогаш, обединети околу националните стратешки приоритети за кои би имале консензус, парламентарното мнозинство би било гарантирано, а и формирањето на влада не би бил проблем, без разлика на пристапот во програмите за реализација на тие приоритети.

За крај, со многумина што разговарав околу прашањето на идентитетските прашања, прашањето на националната припадност, јазикот, името на државата, дури и името на МПЦ, сметаме дека притисокот сето тоа да се промени, не значи само обезличување, откажување од традициите, од културното и историското минато и наследство, туку ќе значи чин на велепредавство, чин кој никогаш нема да биде заборавен и простен од ниту една генерација исчовечена од се што има македонски корени.

Ова особено што и на „лидерите“, хероите на Столтенберг што ја водат Република Македонија, им е јасно дека без завршување на домашните задачи, нема ниту НАТО, ниту ЕУ, а влегувањето во тоа друштво како обезличена аморфна маса, без корени, без минато, без културно историско наследство, влегувањето на некоја си нација која може секој да ја моделира како пластелин, не сум убеден дека вистински ни е потребно.

Затоа, порака до македонските политички субјекти, да ја разберат политичката зрелост на албанскиот политички блок со т.н. Тиранска платформа, ако треба нека појдат во Панама или во Белизе, нека ги договорат националните стратешки приоритети кои како последица треба како Република Македонија да не донесат до вратите на НАТО и ЕУ, ако треба нека ја именуваат како Панамска или Белизе Платформа, но да нема никаква дилема околу тоа кои сме и што се’ имаме наше, автентично, да понудиме во светската културна и историска ризница и кој е патот нашите граѓани да го живеат животот што го заслужуваат – достоинствен, човечки…и не само тоа гордо да звучи, туку силно да се чувствува.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.