Албанци нелегално ја минувале границата и краделе дрва

Албански државјани нелегално ја минувале границата и краделе дрва во дебарско. Кривични и прекршочни пријави заработија албанските државјани Л.Л.(23) и Х.Х.(19) двајцата од селото Требиште.

Пријавените кон крајот на минатиот месец биле затекнати на македонска територија во бесправна сеча на дабови, јаболкови и црешови дрва во шумски терен кај местото „Црвеница“ оддалечено на околу еден километар од границата.

Во 10,30 часот полициските службеници ги затекнале двајцата пријавени по кратко време откако ја започнале неовластената сеча. Тие констатирале дека, пријавените со коњи нелегално ја преминале македонско-албанската државна граница, пресекле околу две метра просторни стебла  кои веднаш потоа требало да ги товарат на коњите за транспорт преку нелегален премин.

На местото на настанот веднаш била повикана увидна екипа од полициската станица во Дебар како и претставници од дебарската подружница на ЈП „Македонски шуми“. Веднаш бил известен и надлежниот Јавен обвинител, а потоа бил извршен увид и изготвен записник за направена штета.

Со пресуда од Основен суд-Дебар, на двајцата албански државјани  им биле одземени предметите и опремата и изречена им е мерка протерување во времетраење од две години.