Албанија: Бројот на заразени 186, излекуван 31 пациент, починати осум лица

Во Албанија во последните 24 часа дијагностицирани се нови 12 случаи со Ковид-19,  со што бројката на вкупно зазарените се зголеми на 186 лица.

Добра вест е што бројот на заразените споредено со вчера е помал за дури 16 лица а уште поохрабрувачка е веста дека се излекувани 31 пациент, меѓу нив еден лекар и една медицинска сестра.

-Во последните 24 часа тестирани се 102 лица при што позитивни на Ковид-19 се 12 лица, што е помала бројка споредено со вчера. Досега тестирани се 1.246 случаи, а позитвни се 186, меѓу нив четири деца. Од вкупната бројка, излекувани се 31 пациент, додека за жал и покрај сите напори на лекарите, починаа осум лица, информираше Албана Фицо, директорка на Институтот за јавно здравје.

Таа додаде дека мапата на заразени се прошири и со градот Пук, каде се дијагностцирани првите два сучаи, а бројката се зголемува во Тирана, Корча, Фиер, Скадар и Драч.

-Во Тирана бројот на заразени е 107 лица, во Фиер 20, Корча 12, Драч 11, Валона и Елбасан по пет, Љушња, Каваја, Скадар и Лежа по 4, Рогожина, Хас, Тропоја и Пук по две и Круја и Берат по едно лице, изјави Фицо.

Посочи дека во Инфективната клиника во Тирана хоспитализирани се 77 пациенти, петтмина од нив се на интензивна терапија, додека останатите засега се во стабилна состојба.