Албанија досега вакцинирала 6.000 лица, но коронаинфекциите не стивнуваат

Во Албанија непречено се одвива вакцинацијата против Covid-19 со која освен здравствените работници, персоналот и лицата сместени во домовите за стари и изнемоштени лица, од денеска се опфатени и повозрасните лица според одредени критеруми.

„Во текот на денот вакцинирани се 822 лица, а вкупно досега се имунизирани 5.891 лице, од нив најмалку 500 ја имаат примено и втората доза. Денеска се вакцинирани дваесеттина познати личности од културата и политичкиот живот на над 80-годишна возраст, меѓу нив и поранешниот претседател Алфред Моисиу, поранешниот премиер Александар Мекси, актери и режисери. Со вакцинација од денеска се опфаќаат и лица на 90-годишна возраст и повозрасни, по предлог на матичните лекари“, информираше во недела Огерта Манастирлиу, министерка за здравство.

Во меѓувреме, во земјата не стивнува заразата, каде овој месец во просек дневно се дијагностицирани по околу 1.100 нови случаи.

Според Министерството за здравство, во изминатото дененоќие од направените 4.013 тестови, позитивен резултат е добиен кај 1.184 од нив, што е нов негативен рекорд.

Истовремено во списокот на оздравени се внесени 796, а починале 13 пациенти, она возраст меѓу 48 и 81 година.

Во четирите ковид-болници во Тирана и двете регионални болници, во Драч и Скадар, се хоспитализирани 632 пациента, од нив 40 на интензивна терапија, додека 14 се интубирани.

Досега во земјата се направени 440.490 тестирања, позитивен резултат е добиен кај 100.246 од нив, оздравеле 63.329, активни на болеста се 35.251, додека починати се 1.666 лица.