Албанија го презеде претседавањето на СЕДМ и на американско-јадранската повелба

Албанија го презеде претседавањето со две регионални иницијативи, и тоа South Esat Defence Ministerial (СЕДМ), кој претставува процес на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа, и американско-јадранската повелба – А-5.

Министерката за одбрана Олта Џачка, на првата средба на политичко-воениот управен комитет на СЕДМ во Тирана, изјави дека нејзната земја го поддржува проширувањето на овие иницијативи со другите земји од Западен Балкан.

– Албанија, преку Министерството за одбрана, презема две од најзначајните регионални иницијативи, како што се процесот СЕДМ и американско-јадранската повелба – А-5. На првата средба на политичко-воениот управен комитет на СЕДМ, го истакнав она во што ние силно веруваме: ваквите иницијативи треба да ја поддржат политиката на „отворени врати“ и проширувањето со другите земји од Западен Балкан, изјави Џачка.

Според неа, политиката на отворени врати ќе даде нов дух на регионалните иницијативи.

– Случувањата во Западен Балкан се добар показател за тоа како оваа соработка, со вклучување на НАТО и Европската унија, може да влијае на стабилноста и градењето на модерни и мирољубиви општества. Нужно време е да ја прошириме истата можност и со другите земји-аспиранти во регионот, а со тоа да се зајакне регионалната и меѓународната безбедност, посочи Џачка.

Таа ја нагласи и улогата на Албанија во евроатланската интеграција на земјите од регионот додавајќи дека фокусот во рамки на инцијатвата А5 ќе биде зајакнување на координацијата и меѓусебната поддршка, особено со САД, во активната и ефикасна борба против тероризмот и насилниот екстремизам.

Инаку, процесот СЕДМ, во кој членува и Република Северна Македонија, првпат беше инициран во март 1996 година во Тирана, како прв од серијата состаноци на министрите за одбрана, замениците министри за одбрана и замениците началници на генералштабови на земјите од Југоисточна Европа. Суштината на СЕДМ процесот е јакнење на разбирањето и политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ.