Албанија потпиша договор со ОАР за кибер-безбедност, за Рама од стратешко значење

Денеска во Тирана беше потпишан договорот меѓу Албанија и Обединетите Арапски Емирати за кибер-безбедност, што за премиерот Еди Рама е од извонредно стратешко значење “бидејќи се однесува на суверенитетот и интегритетот на земјата”.

На заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на ОАР, шеикот Абдула Бин Зајед Ал Нахјан, по потпишувањето на договорот, Рама рече дека „Обединетите Арапски Емирати се братска земја, која беше секогаш со нас и ни притекнаа на помош кога ни беше најпотребно, за да не се чувствуваме сами”.
При тоа, меѓу другото ја наведе помошта по масовниот егзодус на косовските Албанци за време на војната во 1999 кои беа згрижени во Кукс и разорниот земјотрес што Албанија ја погоди во ноември 2019 година.

-Обединетите Арапски Емирати се братска земја, која беше присутна и ни дојде на помош кога ни беше потребно за да не се чувствуваме сами. Почнувајќи од големиот егзодус на косовските Албанци кон Албанија. Ова е стратешки договор на нашата земја, бидејќи се однесува на интегритетот на државата. Денеска постои новиот тип на закана, не со прикажување тенкови или авиони кои го нарушуваат територијалниот интегритет, туку со напад на сајбер-просторот парализирачки ги службите, рече Рама.

Албанија во средината на јули и почетокот на септември беше цел на кибер-напади, од иранската група “Татковинска правда” кога вон функција останаа владините сајтови, државни институции, банки по што хакерите почнаа да објавуваат лични податоци и електронски пошти, меѓу нив и за премиерот Рама, министри па дури и на првите луѓе на Агенцијата за разузнавање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.