Албанската полиција спречи влез на нелегално оружје во Македонија

Албанската полиција во две одделни акции во Елбасан и во Прењас спречи обид за влез на нелегално оружје и муниција во Македонија, како и нелегална трговија со канабис кој бил наменет за македонскиот нарко пазар.

Имено, во акцијата наречена „Влез“ („Entrance”) албанската полиција во Елбасан уапси две лица во обид да прошверцуваат еден калашников и 114 куршуми во Северна Македонија.

Во видеото од апсењето кое го објави албанската крим полиција може да се види како двете лица на возраст од 21 и 22 години, се опколени од оперативни сили.

„Во рамки на акцијата против нелегалната трговија со дрога во село Рајца, Прењас, полициските служби лоцирале и запреле за контрола возило од марка „тојота“, управувано од албанскиот државјанин Е.А., 28 години. Во ова возило биле пронајдени 2 вреќи со околу 27,3 килограми наркотик канабис сатива, количина за која се сомничи дека ја шверцувал државјанинот Е.А., кон Република Северна Македонија. По завршување на процесните дејствија, 28-годишниот маж е приведен на дело, а количината на наркотици е одземена, соопшти албанската полиција.

Во Албанија во тек се повеќе мегаоперации на полицијата поврзани со нелегална трговија со дрога, оружје и борба со организираниот криминал и корупцијата, со кодни имиња „Темпули 2“ и „Владеење на правото“.