Албанскиот јазик станува втор службен, еве што предвидува законот

Указот за Законот, сепак, не е потпишан од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Опозицијата синоќа реаграше дека стапувањето на овој Закојн во сила без потпис на Иванов, претставува кривично дело.

Законот за јазиците станува реалност по една година откако е изгласан во македонското Собрание. Синоќа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на својот Фејсбук профил, обзнани дека Законот е веќе потпишан и објавен во Службен весник.

Указот за Законот, сепак, не е потпишан од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Опозицијата синоќа реаграше дека стапувањето на овој Закојн во сила без потпис на Иванов, претставува кривично дело.

Според Законот за употреба на јазиците, покрај македонскиот јазик кој е службен на целата територија на Република Македонија, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, односно албанскиот. Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик покрај македонскиот јазик ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.

Претседателот на Парламентот, ако е Албанец, ќе може пленарната седница да ја води и на албански јазик. Личните документи и патните исправи на граѓаните по автоматизам ќе бидат издавани на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Во судските постапки, јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, покрај македонскиот, ќе се применува и албанскиот јазик. За разлика од претходно, кога право на употреба на друг јазик освен македонскиот беше резервирано само за осомничените, приватните тужители и сведоците, сега се предвидува тоа право и за судиите и за обвинителите.

Сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, исто како и владините одлуки.

Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.

На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страници.

Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.