Албанскиот писател Исмаил Кадаре добитник на Меѓународната награда за литература „Нојштад“

Исмаил Кадаре, еден од најпознатите албански писатели е добитник на Меѓународната награда за литература „Neustadt“, позната и како американска Нобелова награда.

Кадаре е избран меѓу деветте писатели финалисти, кои конкурирале за оваа награда, со што стана 26-от лауреат на оваа меѓународна награда.

Наградата во износ од 50.000 американски долари ја доделува списанието „World Literature Today“ на Универзитетот за меѓународна литература и култура во Оклахома, секоја втора година на поети, романсиери или драмски писатели.

Според албанските медиуми извршниот директор на „World Literature Today“истакна дека Кадаре е „еден од најголемите писатели во светот и шампион на демократијата и слободниот говор“.

Осумдесет и три годишниот Кадаре е албански писател кој ужива голема меѓународна репутација. Тој ја започнува својата литературна кариера како поет во педесеттите години од минатиот век. Во шеесетите, тој ја пренасочува својата креативна енергија кон прозата и многу скоро станува нејзин неоспорен мајстор и најпопуларен албански писател. Во 1992, е награден со Prix mondial Cino Del Duca, а во 2005 ја освојува првата награда на Man Booker International а неколкупати бил номиниран за Нобеловата награда за литература.

Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Член е на француската академија, како и на уште неколку други значајни светски институции и асоцијации. Досега има објавено многу книги поезија, раскази, романи и есеи, од кои најпознато дело му е романот „Генералот на мртвата војска“.

Делата на Кадаре го доведуваа него во чести конфликти со албанските комунистички власти од 1945 до 1985 година.Во 1990 година тој побарал политички азил во Франција.Денеска живее во Париз

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.