Албанскиот претседател Бегај следната седмица во Брисел ќе се сретне со Столтенберг

Албанскиот претседател Бајрам Бегај ќе престојува во официјална посета на НАТО на 7-ми март, соопштија од неговиот кабинет.

„Шефот на државата ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кого ќе разговара за стратешките и безбедносните случувања во источното крило на НАТО и на западен Балкан“, стои во соопштението.

Исто така, тема на разговорите ќе биде и продолжување на поддршката за Украина, посветеноста и придонесот на Албанија во НАТО, како и очекувањата за следниот самит на НАТО, кој во јули годинава ќе се одржи во Вилнус, Литванија.

Бегај ќе биде придружуван од началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Албанија, бригадниот генерал Арбен Кинѓи и членови на неговиот кабинет.

Ова е прва официјална посета на Бегај на НАТО како албански претседател, кој пред да биде избран на сегашната должност беше началник на Генералштабоит ма албанската армија со чин генерал мајор.

По средбата со Столтенберг, во 13 часот, предвидена е заедничка прес-конференција.

Албанија членка на НАТО е од 1-ви април 2009 година.