Уставниот суд на Албанија во понеделникот го одобри договорот со кој се дозволува Италија да гради центри за мигранти на албанска територија, потег што беше критикуван од опозицијата и организациите за човекови права.
Претставниците на албанската опозициска Демократска партија го изнесоа договорот пред судот, тврдејќи дека тој го прекршува уставот на земјата.
Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации минатата седмица изјави дека планот предизвикува загриженост попради произволното задржување на мигрантите и нивните животни услови. Проектот е спореден со планот на британската влада да испрати баратели на азил во Руанда, кој беше оспорен од Врховниот суд на Обединетото Кралство.
Европската комисија соопшти дека италијанските планови не го прекршуваат правото на Евроспката унија.
Во понеделникот албанскиот Уставен суд одлучи дека договорот „е во согласност со Уставот“ и дека може да оди во парламентот на ратификација.
Според планот објавен во ноември, Италија ќе отвори два кампа за мигранти во Албанија, која не е членка на ЕУ. Во едниот ќе се проверуваат мигрантите по пристигнувањето, а во другиот бо биле држени додека не се обработат нивните барања за азил, велат официјалните лица. Потоа би можеле да влезат во Италија или да бидат вратени во нивната земја на потекло, појасни италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Центрите ќе бидат под италијанска правна јурисдикција, изградени на трошок на Италија и се очекува да бидат отворени до пролетta 2024 година. Според договорот, центрите во северозападна Албанија ќе собираат до 36.000 луѓе годишно, штом ќе бидат основани.
Албанскиот премиер Еди Рама вели дека неговата земја чувствува обврска да ѝ помогне на Италија поради посебните односи меѓу двете земји и начинот на кој Италија прими стотици илјади Албанци во 1990-те по падот на комунизмот.
И покрај изборното ветување на Мелони дека ќе ги запре бродските премини од Северна Африка, повеќе од 145.000 луѓе пристигнале во Италија по море досега во 2023 година, во споредба со околу 88.000 во истиот период во 2022 година.