Албанското државјанство недостапно за Албанците од Македонија

Албанците од Македонија не можат да добијат албанско државјанство толку лесно како што пред една година најави тогашниот премиер на Албанија, Сали Бериша, па кај нив се јавува револт поради неможноста за доставување на сите потребни документи и поради потрошените пари, пишува Дневник. Медиумите на албански јазик пишуваат дека во Амбасада на Албанија во Македонија биле вратени сите апликации на Албанците од земјава под изговор дека албанските власти бараат дополнителни документи. Станува збор за потврда за албанска националност на предците. Така, жителите на Македонија велат дека сега од Албанија им бараат документи што не можат да се извадат во Македонија.

Дипломатски извор, пак, за „Дневник“ коментира дека иницијатива на Бериша е невозможно да се оствари од повеќе причини.

– Пред се за неа негативно се искажа Брисел, а и Уставниот суд на Албанија. Албанија има околу 3,5 милиони жители и тоа е цифрата со која оперираат и во меѓународните организации. Од друга страна, невозможно е сега да се турка таква иницијатива во време кога Тирана го чека кандидатскиот статус – вели дипломатот, кој истакнува дека на евентуално издавање државјанства сега ќе реагира и опозицијата.

-Аплициравме пред неколку месеци за албанско државјанство и ги поднесовме документите кои се бараа, додека сега дознаваме дека се бараат уште документи кои не можат да се добијат во Македонија – вели Алберт Р. за порталот на албански јазик „Порталб“.

Не се знае бројот на барањата

Оние што поднеле барања за добивање албанско државјанство тврдат дека не е праведно ова што им се прави и дека за обезбедување на документите потрошиле многу пари, а сега не можат да добијат државјанство.

-Се јавив во албанската амбасада во Скопје за да побарам информации до каде е процедурата за добивање државјанство и ми кажаа дека сега треба да донесеме документи за татко ми и за дедо ми и да докажеме дека се Албанци. Ова не може да се реализира, едвај за себе ги обезбедив документите, потрошивме стотици евра за документи и, пак, ништо. Ова не е праведно – вели Енвер Т.

„Дневник“ не успеа да стапи во контакт со новопоставениот албански амбасадор во Македонија, Петрит Бушати, а вработените во Амбасадата истакнаа дека не се компетентни да ни кажат зошто се вратени барањата, ниту, пак, колкав е нивниот број. Исто така побаравме информации и од албанското министерство за надворешни работи, но и оттаму немаше одговор.

Заинтересираноста за добивање албанско државјанство се зголеми откако лани тогашниот премиер на Албанија, Сали Бериша, донесе одлука за издавање албанско државјанство на сите Албанци, без разлика каде се наоѓаат, освен оние од Kосово. Дел од македонската јавност овој потег го сметаше за дел од големоалбанската стратегија, а друг дел за популизам. Kако и да е, една година подоцна од албанската амбасада во Македонија с` уште не објавуваат бројки за поднесените апликации, така што не може прецизно да се зборува за заинтересираноста кај Албанците од Македонија.

Бугарија ги заостри критериумите

Од друга страна, пред неколку месеци бугарските власти најавија ревизија на издадените бугарски државјанства поради сомнежи дека се правени манипулации, односно дека се издавани пасоши на луѓе што немаат никаква врска со бугарската нација. По ова, бугарската Агенција за Бугарите во странство ги информира граѓаните дека ако сакаат да побараат бугарско државјанство, мора да достават „официјални документи од кои се покажува бугарското потекло на нивните предци“. Тоа значи дека сите баратели треба да достават оригинални крштелници, умреници, венчаници… издадени од некоја од официјалните бугарски власти. Според сознанијата, такви оригинални документи поседуваат мал број македонски граѓани, но и од агенциите кои посредуваат при добивање бугарски пасоши, уште пред неколку месеци тврдеа дека Македонците нема да имаат проблеми.

– Тој нема да се применува за барателите од Македонија. Лидерот на бугарската партија ВМРО-БНД, Kрасимир Kаракачанов, разговарал за ова со претставниците на бугарската влада и усно му било кажано дека ваквиот услов нема да се поставува за македонски граѓани. Односно, дека нема да има никакви проблеми – ни објасни Ванчо Јанакиевски, кој се занимава со посредувањето во добивањето на бугарските државјанства за наши граѓани и додаде дека целиот проблем настанал поради издавањето државјанства на околу 400 Албанци од Kосово.

МОРА ДА СЕ ПОТВРДИ ПОТЕКЛОТО

Во албанскиот закон за добивање албанско државјанство, покрај останатите документи, јасно се наведува дека барателот кон барањето треба да приложи и документи со кои ќе го потврди албанското потекло од предци кои биле или се не со државјанство, туку со албанско потекло. Ова може да биде најголемата пречка при добивањето албанско државјанство бидејќи тие документи треба да се добијат од Албанија.

извор: Дневник