Александар Николоски избран за генерален известувач на ПССЕ за укинување на смртната казна

Членот на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и член на Комисијата за правни прашања и човекови права на ПССЕ, Александар Николоски, учествуваше на седницата на оваа комисија, при што беше избран за генерален известувач за укинување на смртната казна.

Генералниот известувач за укинување на смртната казна има мандат да интервенира во прашања кои се однесуваат на укинувањето на смртната казна во различни контексти (земји членки и набљудувачи, партнери за демократија, држави кои аплицираат за таков статус). Тој периодично известува до комисијата за собраните информации и преземените активности. Неговиот мандат трае една година и може да биде реизбран максимално двапати. За првпат се избира претставник на нашето Собрание на оваа позиција.

На седницата е разгледан Извештајот за злоупотреба на системот ПЕГАЗУС и сличните системи, кои државите ги користат за тајно електронско следење. На расправата беа поканети и сослушувани претставници од Шпанија, Полска и Грција, кои беа жртви на злоупотреба на овие системи, а беше присутна и Диана Риба, член на Европскиот парламент и потпретседател на Комисијата ПЕГА на Европскиот парламент за истражување на користењето на ПЕГАЗУС и еквивалентните набљудувачки софтвери.

Во врска со темата, Александар Николоски, побара во овој Извештај, кој ќе се разгледа и усвои за време на јануарската сесија, да биде вклучена и нашата земја бидејќи, според него, таква злоупотреба постои и кај нас.

Беше заклучено дека е неприфатливо која било држава да следи и набљудува претставници на опозиција, новинари, пратеници и други, оценувајќи дека овој скандал е еквивалент на скандалот Вотергејт.

На комисијата беа разменити мислења и со членовите на Заедничката комисија за човекови права на Парламентот на Велика Британија во рамките на која беше објаснет мандатот и работењето на Заедничката комисија, како и за примери за имплементација на пресудите од Европскиот суд за човекови права и за потешкотиите во тоа во Северна Ирска.

Дел од комисиската работа беше и разгледување на Извештајот за легалноста и аспектите на човековите права на агресијата на Руската Федерација против Украина и барањето за итна дебата во текот на јануарската сесија во 2023 година на оваа тема.

Пред крајот на седницата е разгледан одговорот од страна на Комитетот на министри на препораките на Парламентарното собрание испратени до нив, како и учеството на идните конференции, состаноци, семинари и се утврди календарот за работа во 2023 година.