Александар Стојковски е нов в.д. директор на ЈСП

Александар Стојковски е нов вршител на должност директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), соопшти Град Скопје.

Стојковски е дипломиран машински инжинер на Машинскиот факултет во Скопје. Има над 20 години работно искуство, а на функцијата доаѓа како претходно вработен во ЈСП.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на новиот директор му посака успешна работа, да продолжи со досегашната успешна организациска поставеност на ЈСП, со грижата за вработените и да работи пред сѐ, во служба на сите граѓани, воспоставувајќи одлуки кои ќе бидат во интерес за сите граѓани.

– ЈСП Скопје ќе продолжи со сите расположливи средства и ресурси да го опслужува јавниот превоз во интерес на скопјани. Уверени сме дека ќе продолжи домаќинското работење, оптимизацијата на трошоци и консолидирање на претпријатието, како еден од предусловите кон отпочнување на следната фаза до конечно исполнување на ветувањето на градоначалничката Арсовска за бесплатен јавен превоз – велат од Градот.

Финансиската позитива во првото тримесечје од годинава, зголемувањето на приходите со над 60 отсто во споредба со минатата година, воведувањето бесплатен превоз за возрасните лица, бенефициите за лицата со попреченост, како и повторното функционирање на Жичарницата и ноќните линии, се доказ дека ветувањата се остварливи, додаваат оттаму.