Александра Јанева победник на Макфест 2016

Александра Јанева победник на Макфест 2016
Александра Јанева победник на Макфест 2016
Александра Јанева која ја изведе песната „За сто години“ е победник на 31. издание на Фестивалот за забавна музика „Макфест“. Таа ја освои и наградата за најдобра вокална интерпретација „Драган Каранфиловски –Бојс“.

Симона Попоска со песната „Ќе најдам друг“ е второпласирана и доби 7.500 евра. Таа ја освои и наградата за најдобар сценски настап и доби 1.000 евра. Третопласирана е младата Антонија Гиговска со песната „За нас“, која доби 5.000 евра. Гиговска ја освои и наградата за дебитант која од оваа година го носи името „Душан Љубисавлевиќ-Дуле“ во вредност од 1.000 евра.

Најслушана песна меѓу двата фестивала е „Срце да се отвори“ на Зуица Лазова и Јоце Панов, а Дамир Имери е добитник на признанието за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски-Шпато“.

-Генерална оценка е дека годинава имаше голем интерес за „Макфест“ и оти композициите вратија дел од сјајот на 31. издание на фестивалот. Работата успешно ја заврши пред се уметничкиот директор Љупчо Мирковски, кој успеа професионално да си ги заврши обврските и по две години, благодарение на неговиот голем ангажман ние конечно имаме и ЦД со сите композиции, кои дополнително ќе потсетуваат на фестивалот, рече Драган Ристов од прес-центарот на „Макфест“.

Ревискиот оркестар на МРТВ, како што рече, беше феноменален, а исто така и изведувачите.

-Сметаме дека одиме чекор натаму со самото тоа што по речиси неколку децении имавме и седум странски изведувачи, со што „Макфест“ имаше и меѓународен карактер. Голема благодарност и до водителот Димитар Атанасовски и режисерот на преносот Перо Попов и целата екипа на МРТВ, кои придонесоа „Макфест“ да биде успешен, рече Ристов.

Учесниците се натпреваруваа за трите главни награди. Најдобрата песна на фестивалот е наградена со 10.000 евра, за втората награда се предвидени 7.500 евра, а третонаградената песна доби 5.000 евра. Покрај главните награди, доделени беа и наградата за најдобар аранжман, сценски настап, чија вредност изнесува 1.000 евра.

Фестивалот е во организација на општина Штип, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и од општина Штип. Интерпретаторите своите песни на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ги изведуваа во живо, во придружба на ревискиот оркестар на МРТВ.