Александрова: СЈО и СДСМ вршат притисоци незаконските снимени и монтирани разговори да бидат прифатени како доказ во политичкиот мотивиран прогон

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е институција која работи за премиерот Зоран Заев и неговата СДСМ, и има цел да го го легализираат криминалот на Заев и Зоран Верушевски кои со останатите обвинети во случајот „Пуч“ незаконски следеа телефонски разговори и потоа ги вадеа од контекст и монтираа за да креираат хајка против ВМРО-ДПМНЕ, обвини во понеделникот Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека СЈО и СДСМ сега вршат притисоци овие незаконски снимени и монтирани разговори да бидат прифатени како доказ во политички мотивираниот прогон на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери.

„Зоран Заев изврши низа криминални дела за кои согласно Устав и закон треба да одговара. Заев беше спасен од одговорност од СЈО, кое неколкукратно го прекрши законот само за да го амнестира за сторениот криминал по втор пат. Барањето на СЈО за прифаќање на нелегално прислушкуваните и монтирани разговори кои Заев нелегално ги објавуваше, е срамно и без никаква правна логика. Тоа е обид за покривање на антидржавното делување на Заев повеќе од две ипол години“, рече Александрова.

Истакна дека политичкиот притисок за истото барање на СЈО да биде прифатено од страна на Апелациониот суд беше огромен и со истиот судот беше принуден да донесе нелогична одлука, со сомнително образложение кое е незаконско и крајно неаргументирано, спротивно на член 12 став 2 од законот за кривична постапка. Истото е ноторен пример за целта на СЈО да го легализира криминалот на Заев.

„Легализацијата на криминалите на Заев, за СЈО е уште еден инструмент во крајната цел за неосновано политичко оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери во очите на јавноста преку медиумите под партиска комтрола на СДС. Токму затоа, без логично образложение, под политички притисок врз судот, беа одземени и патните исправи на дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Така сакаат да создадат негативна слика во јавноста за истите“, рече Александрова.

Додаде дека барањата за одземање на патните исправи беа целосно неосновани и без соодветна аргументација, истите не беа со цел да се задоволи правото, туку желбата за политички прогон на поедини личности кои застанале во одбрана на Република Македонија, нејзините државни и национални интереси.

„СЈО и институциите под контрола и влијание на СДС кои работат надвор од законот, односно прекршувајќи го истиот со цел исполнување на политичките нарачки на одредени лица треба да знаат дека за своите нелегални активности и одлуки ќе бидат санкционирани веднаш по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и повторното воспоставување на правната држава и владеењето на правото во институциите. Сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции“, изјави Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.