Алексеј Навални на нозе, но има уште многу проблеми

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални објави фотографија на која се гледа како се симнува по скали, пет дена откако беше отстранет од вештачко дишење во болница во Берлин.

Навални, главниот противник на рускиот претседател Владимир Путин, објави фотографија на Инстаграм со коментар „Патот е чист, но долг“.

„Дозволете ми да ви покажам како напредува моето закрепнување. Патот е веќе чист, но долг е“, напиша тој.

Навални исто така изјавил дека сè уште не може да користи телефон и дека му е тешко да истури вода во чаша или да се искачи по скалите затоа што му се тресат нозете.

„Сè уште имам многу проблеми, но неверојатните лекари од болницата „Шарита“ го решија главниот“, рече тој и додаде: „Тие ме претворија од „технички живо суштество“ во некој што има голема шанса да стане човек кој брзо ќе се движи низ Инстаграм и ќе знае без да размисли каде е копчето „лајк“.