Алексеј Дума: Плачев и работев

За судската медицина, за првата обдукција, за искуството и она што за него е најтешко, зборувавме со професор доктор Алексеј Дума, специјалист по судска медицина и директор на Институтот  за судска медицина, но пред се’ голем човек и одличен учител.

Тој ни раскажа за неговите почетоци и за предзвикот кој го тера со часови и денови да биде во обдукциската сала.

Според стандардите воспоставени од Европскиот совет за судска медицина, кои се применуваат и во Македонија, таа се дефинира како примена на медицинската наука и методологија за решавање на правните прашања и проблеми на луѓето и општеството. Тоа вклучува набљудување, документација, собирање, проценка и научна интерпретација на медицински докази кои доаѓаат од клиничките и постморталните испитувања, потребни во различни области од законите, како криминални, граѓански, работни, фамилијарни, административни… Основни активности на судската медицина се клиничка форензична медицина и форензична патологија, но и други области од науката и експертизата како форензична токсикологија, форензична психијатрија, форензична генетика, и форензична антропологија, кои мора да бидат инкорпорирани во одредени случаи.

Почетокот беше тежок, емоциите силни

Доктор Дума веќе 38 години е медицински вештак, а во последниве 25 е на чело на Институтот за судска медицина и шеф на Катедра.

Вели дека случајно влегол во судската медицина и дека оттогаш го води некој предизвик од кој не може да се ослободи.

Работел како педијатар, но додава дека бил вљубен во гинекологијата. Како студент по медицина постојано бил во болницата на дежурства каде вели дека учел од врвни лекари. Често му дозволувале да породува, и нагласува дека најубаво чувство е да се држи штотуку родено бебе, кое за прв заплакува. Мислел дека ќе биде гинеколог, но по сплет на околности и напорна работа завршил во судска медицина.

obdukcijaq

Првата обдукација ја направил кога имал околу 28 години, само два дена откако почнал да работи на Институтот,  а морал да врши обдукција на моторџија од Водно, кого и лично го познавал.  Доктор Дума вели дека му било тешко, но морал да се избори со емоциите.

„Морав да го победам сето тоа субјективно во мене за да можам да работам професионално“, вели доктор Дума, додавајќи дека првиот судир со оваа гранка од медицината бил застрашувачки, вели од се’ ти е страв. Се сеќава на „чистилиштето“, сала со плочки и три лавабоа, и низ него секој требал да помине пред да влезе во сала. Тогаш уште биле во стариот дел, некогаш дури и се користел како штала, па школа за акушерки, а во 1956 години сала за судска медицина.

„Беше навистина морбидно, се греевме на дрва, немаше лифт, лешевите ги кревавме на чекан“, се сеќава доктор Дума.

Тој појаснува дека нема тешко и лесно, дека секој случај е посебен, и дека секој случај е едно ново прашање за кое тие мора да го најдат одговорот. Секој нов случај за него е нов предизвик со сопствената интелегенција.

Според доктор Дума, една од најтешки работи е што секоја задача ја чува себе, бидејќи секоја обдукција, секој случај всушност е службена тајна, и тоа што не може да сподели е тешко и го мачи, не му дава сон, а дополнителна мака е притисокот од судиите, обвинителите, од адвокатите.

„Тоа е тежина што те јаде и те гради. Ти ја гради професионалноста“, вели искусниот доктор кој додава дека никогаш не се поколебал што ја одбрал оваа професија, а секој нов случај е нов предизвик на сопствената интелегенција.

Појаснува дека секој случај е нов, немаш книга за тоа, гледаш, одиш на увид и добиваш информации од другите кои работат со тебе, од полицајци, од очевидци, но мора да се проверат сите факти, и немаш време за емоции.

Жртвата е голема: Плачев и работев

Доктор Дума вели дека е голема жртвата која ја плаќаат лицата кои работат судска медицина, а пред се’ мора да имаат семејство кое ги поддржува.

Се сеќава, една ноќ, околу три часот, додека спиел, му се јавил јавен обвинител. Му рекол, јас сум на местото на настанот, јас не спијам, нема ни ти да спиеш, дојди одма.

И така, сред ноќ станал и заминал таму заедно да го решаваат случајот.

Докторот вели дека кога ќе се влезе во салата за обдукција нема излегување додека не се заврши се’, колку долго и да трае, нема гости, нема родендени, нема земање на децата од училиште во 15.30 часот.

Многу тешко, според докторот, кога некој од податоците нема да се совпаѓаат, па постојано мислиш на тоа, не можеш да спиеш.

salaaaaa

„Се случувало во тек на решавање на проблемот, кога ќе дојдеш во  ситуација на максимална вжештеност, кога ќе почнеш да ги проверуваш  фактите, да се сомневаш и ќе сфатиш дека нешто не ти излегува како што  треба да бидат резултатите, некоја грешка во лабораторија, и се прашуваш:  Како заглавив сега? Вака ли ќе биде цел живот?“, вели доктор Дума,  додавајќи дека тоа те плаши на почетокот на кариерата, со тие мислиш си  легнуваш и се будиш, тоа е проблем кој постојано ти тежи, а тоа делува врз семејството, ти ги намалува емоциите. Според неговите зборови, тоа е цената која ја плаќаат вештите лица, но на крај, кога се’ ќе се реши, чувството е предобро.

Некогаш потребни се месеци за да се открие вистината, вели доктор Дума и додава: „Бараме, пребаруваме, проверуваме, мозгаме, а не смееме со никој да разговараме, и тоа е тешко“.

За него вели дека било најтешко кога правел обдукција на една млада девојка.

„Плачев и работев“, вели докторот, но тие емоции ме тераа да работам побрзо, посталожени, да дојдам до решението. Додава, дека со тек на време се навикнал на болката.

Најспецифична обдукција: Со саати пешки низ снегот

Доктор Алексеј Дума се сеќава на една од поспецифичните обдукции кои ја има направено.

Раскажува дека се случила во зима, поточно во првите денови од месец јануари пред неколку години. Во раните часови добиле повик дека млада девојка се самоубила во село во Крива Паланка. Несреќната девојка се обесила во штала во некое од планинските села.

Тргнале со џип, цел тим со полицајци, со јавен обвинител, со инспектор, а вели тој инспекторот, сега покоен, како Мамли беше, максимално добар и професионален. До некаде ги однел џипот, а потоа пешки, шест-седум часа, неразгазен снег, над колена.

Кога стигнале веднаш почнале со работа. Обдукцијата ја правеле надвор, на тремот од шталата. Вели мораш да работиш по кратки ракави, а надвор студено, можеби и минус 15 степени беше.

Доктор Дума раскажува оти голема среќа за нив било што селаните им донеле две шишиња греена ракија, па малку се стоплиле, да се совземале. Иако во многу тешки услови, сепак ја завршиле работата, а потоа повторно пешки назад.

Како една од потешките, врвниот доктор, ја споменува и обдикцијата на жртвите од авионската несреќа кога патничкиот авион на компанијата „Палер Македонија“ со 97 патници се урна при полетување на скопскиот аеродром.  Во несреќата загинаа 86 лица. Докторот вели дека тоа за него бил еден од најголемите предизвици. Раскажува дека со часови, со денови, работеле во хангарите, студено, мрачно, многу жртви, но вели тој, обдукциите мораше да се завршат најбрзо што може.

Професионалноста на прво место

Доктор Дума потенцира дека професионалноста е приоритет во ова поле, дека нема место за грешки, за одложувања, за шпекулации, тукуд ека се’ мора да е точно, проверено, докажано.

rentgenТој додава дека во судската медицина има само четири бројки 99,99 и додека се’ не е така, значи дека уште има работа. Посочи дека нема откажување сред работа, може само кратка пауза за да се средат мислите, мал одмор за оброк или консултација , но за нив нема сабота и недела, нема ноќ, нема празници, се работи постојано кога должноста вика. Тој потенцира дека додека не се заврши обдукцијата не ја напуштаат салата, пред се’ бидејќи се луѓе, и знаат колку пати семејството на починатиот, и сакаат телото што побрзо да му го вратат на семејството.

Тој се сеќава на еден инцидент, кој го оставил со отворена уста.

Станувало збор за нерасчистено убиство во внатрешноста на Македонија. Па, заедно со инспекторите отишле таму, се сретнале со судијката и со останатите од тимот. Седнале и почнале да размислуваат, да разговараат, да ги проверуваат старите со новите информации.

И така, сред состанок, околу 15 часот, судијката станала и рекла, вие продолжете, јас имам гости, морам да си одам.

Тој, а и останаите останале запрепастени од нејзината непрофесионалност.

Опрема како на Пентагон

На прашањето дали Институтот за судска медицина располага со добра опрема, доктор Дума истакна дека има и одлична опрема и одличен кадар.

„Имаме опрема како Пентагон“, вели доктор Дума, појаснувајќи дека тоа не е само негово мислење. Тоа му го кажале и колегите од другите земји на традиционалниот меѓународен собир на директори на институти за судска медицина.

opremaaaaДоктор Дума додава дека е факт дека имаат одлична опрема, а тоа се должи на денешната Влада, која им го овозможила тоа кое со години претходно го барале. Меѓу другото докторот додаде дека имаат одлични лица, кои постојано се во сала или во лабораторија, максимално посветени на работата, но дека имаат статус на волонтери и дека тој, заедно со министерот за здравство прават напори што поскоро да им се реши работниот статус.

Доктор Дума рече дека годишно се вршат од 300 до 350 обдукции, но тоа е само 30 отсто од нивната секојдневна работа.  Но, за разлика од другите доктори и специјалисти, тие мора да знаат и за кривичната постапка и кривичниот законик, кои се дел од нивната специјализација.   oprema

И покрај морбидноста и притискот што го носи оваа професија, доктор Дума вели дека никогаш не се покаал што е специјалист по судска медицина, но и одличен професор кој заедно со своите колеги калемат нова генерација која, се надеваат, достојно ќе ги замени.