Алексовски: Поради несериозно работење на МЗШВ училиштата во Крива Паланка без огрев

238

Сите основни училишта во Крива Паланка, гимназијата, домот за ученици и Територијалната противпожарна единица од градот ќе останат без дрва за огрев поради несериозното и незаконско работење на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, обвини на денешната прес-конференција актуелниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Рече, на три последователни тендери за набавка на огревно дрво кои општината ги распишала од 1 авуст до 15 септември годинава на ниту еден не се јавило Јавно претпријатие „Македонски шуми“, подрачно шумско стопанство, „Осогово“, Крива Паланка.

– На прагот сме на грејната сезона. Ова досега се нема случено, откако паметам, и дури сум јас градоначалник, изминатите осум години, дрва за огрев во сите училишта, градинката , пожарната, гимназијата и останати локални установи набавува Шумско стопанство „Осогово“ од Крива Паланка, а сега, не се јавува на тендерите поради забрана од МЗШВ, рече Алексовски.

Станува збор за набавка која секоја година ја спроведува општината, од 413 метри кубни или 590 метри просторни дрво, по што ги снабдува локалните институции.

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски, се шета низ градот и води изборна кампања, а не се грижи дали дечињата од неговиот роден град ќе има на што да се затоплуваат за да учат, додаде Алексовски.

Рече сите долгови на општината кон шумското стопанство се уредно подмирени и овие институциите да си ја вршат својата работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.