Ален Делон го снима својот последен филм

Легендарниот француски актер, 81-годишниот Ален Делон, изјави на филмскиот фестивал во Лиеж дека наскоро ќе го снима својот последен филм.

Снимањето ќе започне оваа есен, филмот ќе го режира Патрис Леконт, а актерка на Ален Делон ќе му биде, исто така, познатата сонародничка Жулиет Бинош, пренесува агенцијата Belga.

„Тоа ќе биде мојот последен филм, бидејќи како што боксерот не ја сака борбата премноту, така ниту јас не го сакам филмот премногу“, изјавил Делон.

Иконата на седмата уметност открила дека станува збор за улога пишувана специјално за него, но други поединости за филмот не сакал да објави.

Делон на големиот екран последен пат се појави во 2008 година во филмот „Астерикс на Олимписките игри“ во кој го толкуваше ликот на Јулиј Цезар. Од тогаш до денес, како што самиот вели, му се посветил на театарот.