Алфа: Критики и барање оставки- по изборните резултати тензично во СДСМ

Критики, барање на оставки па и навреди на социјалните мрежи по вчерашните резултати на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Не само обичните симпатизери и членови на СДСМ, туку и некои од најистакнатите функционери на оваа партија јавно го искажуваат револтот, од како што велат, пировата победа на Пендаровски во првиот изборен круг. Мухамед Зекири веднаш побара „политичка пензија“ за Али Ахмети и одговорност, односно оставки во СДСМ.

Горчлива победа. Резултатот поука за сите нас!!! …Граѓаните Албанци јасно демонстрираа дека е дојдено време од политичката сцена да се пензионира голем дел од политичката елита на Албанците во Република Северна Македонија!!! Време е и за одговорност и на дел од функционери од нашата СДСМ, напиша на Фејсбук потпретседателот на оваа партија, Мухамед Зекири.

 

Многумина вината за лошиот резултат ја префрлаат врз генералниот секретар Александар Кирацовски, кој со своите одлуки „ја запустил партијата“. Дел од поранешните шарени револуционери велат дека со неговиот игнорантски однос и навредите кон нив, придонел за изборниот дебакл, а луѓето што ги поставил на високи функции се дополнителна причина за фијаското. Политичкиот аналитичар близок до СДСМ Ивор Мицковски пак, и порача на власта дека е „трула градба, а народот не пие нафта“.

Последните дојдени во СДСМ најгласни дека требало преиспитување. Не е случајно, и на етничка и на граѓанска линија. Демек ветерот на промени се јави.Абе дечки, бевте и останавте шарена фасада и алиби на една трула градба. Мислите нафта пиеме ние.“ – напиша Мицковски.

 

Конечно, политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор Арсим Зеколи ѝ честита убедлива победа на опозицијата и констатира дека во поразот на власта најголем губитник е премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, бидејќи на парламентарните избори ќе излезе со тежок камен околу вратот – ДУИ.

Опозиција ВМРО, Алијанса, Беса триумфира. Убедливо. Власта СДСМ, ДУИ, Алтернатива изгуби. Понижувачки. За СДСМ отсега ДУИ е камен околу врат на парламентарни. За ДУИ пак СДСМ е коска во грло за парламентарни. Најголем губитник? Заев. Повеќе од ова, не може да постигне. Енде“ – тврди Зеколи.

На сето ова, социјалните мрежи се преполни со коментари на стотици обични членови на СДСМ, кои велат дека партиските лидери политиките кои ги водат и тоа како ги разочарале и дека би морало да се направат итни и коренити реформи доколку сакаат и натаму да ја имаат нивната поддршка.