Алијанса на Албанците обвинува за манипуалција: 500 илјади евра се потрошија за кампања не за Охридскиот договор

Денес сме тука за да ја разоткриеме големата измама и злоупотреба на Охридскиот договор и кон сите тие коишто придонесоа жртвувајќи го и својот живот за овој договор, изјави Алијанса на Албанците на прес-конференција.

„Тие коишто ја имаа најголемата обврска да го имплементираат договорот во овие две децении, денес организираат скапи прослави и забави за да го покријат нивниот дводецениски неуспех.

По 20 години, Охридскиот договор продолжува да биде тема на дискусија и ниту еден од столбовите на овој договор не е заокружен. Се уште не се исполнети обврските од договорот, како што се: правична застапеност, социјална и економска еднаквост, уставна еднаквост на граѓаните во земјата, квалитетно образование, ресоцијализација на учесниците во конфликтот, реална децентрализација, нефункционалноста на Бадентеровиот систем, меѓуетничките односи и европската интеграција.

За да биде иронијата уште поголема, денес се трошат 500.000 евра за организирање на една прослава, предизборна забава на партиите на власт, додека тие што беа најзаслужни, семејствата на загинатите борци и учесниците во војната во 2001 година, се борат за опстанок, со неизлечени рани и многу од нив коишто заминаа надвор од државата. Денес, за војната и за Охридскиот договор говорат некои луѓе, како Артан Груби, којшто нема ниту еден најмал придонес за овој процес, туку само постојано профитира газејќи по доприносот на сите други актери кои на различни начини инвестираа и се жртвуваа. Го повикуваме него и ДУИ да не манипулираат со крвта и жртвувањето на војниците и сите останати што допринесоа.  Да, придобивките од Охридскиот договор се поголеми од петстоте илјади евра што се трошат за вашата партиска забава, но, јавно ве прашуваме – кои се придобивките од оваа забава? Немојте да манипулирате, парите не се трошат за Охридскиот договор, туку за прослави и за предизборна кампања злоупотребувајќи го овој документ“, се вели во изјавата.