Алијанса за Албанците до Мицкоски: Ако нема „Бадентер“, тогаш да имаме дводомен парламент

Формулацијата „јазикот што го зборуваат 20% од населението” не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани. А ако некому му пречи „Бадентер“, тогаш да размислуваме за дводомен парламент.

Ваква е реакцијата на Алијанса за Албанците по денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е подготвен да разговара за отстранување на квотата „20% Албанци“ од Уставот, но и за отстранување на „Балансер“ и „Бадентер“.

„За нас е подеднакво навредливо кога јазикот на нашите сограѓани се нарекува северномакедонски или славомакедонски, а понекогаш и поинаку. Затоа, проблемот од 20 проценти Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците. Бадентер или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија. Овој механизам го носи името на неговиот творец Роберт Бадентер, поранешен министер за правда и поранешен претседател на уставниот суд на Франција, или светилникот на просветителството и европската демократија“, реагира Алијанса за Албанците преку соопштение.

Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија, посочуваат оттаму, би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал.

„Ако ова двојно гласање е проблематично за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа. Го отфрламе секое условување кое ги разнишува темелите на нашата држава, изградена врз принципите на консоцијалната демократија. Ваквите условувања не можат да се сметаат поинаку освен како дневна политика за внатрепартиска употреба, за одржување на фотелјата наспроти предизвиците кои се подалеку/пошироко од Северна Македонија и Европа“, наведено е во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.