Алијанса за Албанците: Доминацијата на еден етникум во Македонија заврши засекогаш

Tоа што ВМРО-ДПМНЕ размислува и зборува за уставни измени е добра работа за нив како политички субјект, но и за државата, реагираа во неделата од партијата Алијанса за Албанците на предлогот на најголемата партија во земјата
ВМРО-ДПМНЕ претходно на предлогот за уставните измени во кои во македонскиот Устав треба да се вметнат и Бугарите, Хрватите и други народи, предложи да се земе примерот на Хрватска во чија преамбула е наведено дека е земја на хрватскиот народ и другите малцинства.

„Решението што го нуди овој политички субјект во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“, велат од Алијанса за Албанците наведувајќи податоци од контрадикторниот попис на населението одложуван со децении спреведен во услови на пандемијата.

Претходно, пак, партиите од албанскиот корпус, бараа кога ќе се отвори македонскиот Устав албанскиот јазик да се вброи како втор официјален во земјата.

„Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ мора да ги надмине нивните изборни интереси и да се воздигне на должноста што им припаѓа, вклучително и подготвеноста на нејзиниот лидер јавно да се изрази, во отстранувањето на навредливата терминологија за јазикот на нивните сограѓани, во случајов албанскиот јазик“, се додава во објаваа на АА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.