Алијанса за Албанците предлага техничка влада за распишување на предвремени избори

Техничка Влада што ќе сервисира предвремени избори, поради лошото менаџирање на државата, бара потпретседателот на македонскиот Парламент, Елми Азири, од Алијанса за Албанците, пренесувајќи го партискиот став.

-Што се однесува до предлогот на Мицкоски, претпоставувам дека Мицкоски кај Африм Гаши гледа капацитет за справување со сите кризи што се случуваат во земјава, но и со решавање на евроинтеграцискиот процес. Ние го поддржуваме тој предлог, рече Азири.

Азири ги повикува од Алтернатива да се повлечат од власта бидејќи како што рече, Европскиот совет повторно не даде зелено светло за отворање на проговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ, а тоа според него докажува дека „режимот СДСМ и ДУИ потфрли во исполнувањето на условите на Европската Унија, особено што се однесува до владеење на правото имплеметацијата на договорот за пријателство со Бугарија”.

-Денес, поради лошото менаџирање на овој режим, граѓаните се соочуваат со многубројни кризи, здравствени, економски, енергетски. На сите овие кризи заедничка им е корупцијата на режимот СДСМ и ДУИ, со што станавме една од најкорумпираните земји во светот. Она што уште повеќе загрижува е тоа што нивната корумпираност не им наштетува само на џебовите на граѓаните, туку корупцијата почнала да ги чини граѓаните со живот, додаде Азири.

Тој потсети дека поминаа три месеци од трагедијата во модуларната болница во Тетово, како и три недели од трагедијата во автобусот на Беса Транс, и како што рече, се уште никој нема понесено одговорност.

-Продолжувањето па макар и еден ден на овој режим е штетно за земјата и граѓаните кои бараат подобрување на нивниот живот, особено во борбата против криминалот и корупцијата, економски развој правда и еднаквост на граѓаните. Оваа власт ја има доведено земјава во слепа улица, од која не можат да излезат, рече Азири.

Тој додаде дека новите услови по ова недобивање на датум за преговори, не остава друг избор освен рушење на овој режим и создавање на експертска Влада, која ќе ја подготви земјава за нови избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.