Алијансата за Албанците и Алтернатива бараат пописот да посебна комисија, а не Државниот завод за статистика

Пописот да не го спроведе Државниот завод за статистика, е најновото барање на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Немале доверба во оваа институција, бидејќи на раководните позиции немало ниту еден Албанец. Сметаат дека пописот треба да го спроведе нова посебна комисија. Координаторот на нивната пратеничка група Скендер Реџепи, порача дека власта премногу брзала со новиот предлог закон и најави дека ќе бараат промени поднесувајќи голем број амандмани.

-Ние бараме реализацијата да не ја води Заводот за статистика, оти како коалиција немаме доверба во скоро еднонационална институција, во која што од 9 раководни позиции нема ниту еден Албанец. Бараме од страна на Владата да има службена државна пописна комисија, која што ќе го спроведе пописот. Имаме и низа други амандмани, од кои што верувам ќе наидеме на разбирање од предлагачот за да бидат вклопени во склоп на пописниот закон, изјави Реџепи.

Додека власта брза да го протне овој според многумина контроверзен предлог закон, поддршка за истиот нема ниту од ВМРО-ДПМНЕ. Тие со 26 амандмани ќе се обидат да ја зголемат доверба во пописот кај сите граѓани, а главното барање е истиот да се спроведе со отисок од прст.

-Избегнувањето на обезбедување на фингерпринт е навистина нешто што не дава сигурност во целата постапка. Образложенијата дека тоа е скапа операција и треба време не држи. Затоа што таква одлука за набавка во ДИК за таква апаратура има, меѓутоа не се префрлени пари од буџетот во ДИК за тоа, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Претседателот Стево Пендаровски пак не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата, но смета дека немало доволно време. Во однос на европското знаменце кое стои зад предлог законот, шефот на државата вели тоа не било важно, најважна била политичката волја сите да се усогласат за овој витален државен интерес.

-Ако тоа врши работа, да имаме поголема валидност, поголемо ниво на валидност на тој попис, зошто да не. Само се плашам, познавајќи ги нашите тендерски постапки, па дури и договори во четири очи, дека сега еве нова година, ако не се лажам ние имаме само три и пол месеца до практичното почнување. А претходно оди процес на обука. И ако треба да се набават, не знам колкава е бројка, сигурно се илјадници и илјадници анкетари или попишувачи, јас се сомневам дека ние можеме таа операција да ја набавиме, се сомневам дека може да ја завршиме и да ги набавиме тие апаратчињаизјави Стево Пендаровски.

Од власта пак најавија дека предлог законот бил добар и немало да прифаќаат амандмани, кои според нив опозицијата ги поднела за да ја блокира работата на Парламентот. Собранискиот спикер Талат Џафери пак не сакал да зафаќа страна, бидејќи функцијата не му го дозволувала тоа. Сепак на новогодишниот брифинг со новинари, кажа дека пописот мора да се одржи, бидејќи многу години поминале од последниот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.