Алими и Гури тврдат дека не ги местеле изборите во Чаир во 2013 година

Судењето против двајцата функционери на ДУИ за изборни нерегуларности од локалните избори во Чаир во 2013 година, познат како предмет „Титаник 3“ на СЈО,  почна денеска по три одложувања.

Двајцата обвинети, Ејуп Алими и Исмет Гури се изјаснија дека не се чуствуваат виновни за делото за кое се обвинети. Тие тврдат дека не учествувале во уништување на изборните резултати, а тоа ќе го докажуваат и со извештај кој го побарале од СВР Скопје за тоа дали на тој ден било пријавено насилство во просториите на Општина Чаир, каде на 23 март 2013, на денот на изборите, била општинската изборна комисија.

Ова е ништо друго освен омраза, порача во судот коориднаторот на ДУИ, Ејуп Алими.

Во воведниот збор, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека Алими и Гури извршиле брутално насилство врз изборните бројки заради сопствени политички потреби. СЈО тврди дека ќе докаже оти Алими и Гури незадоволни од вистинските изборни резултати формирале група со задача фалсификување на изборната волја на гласачите.

Двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат. Тие имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ. Како во изреката „морковот и стапот“, обвинетите на сведоците им велеле „доколку не го сториш ова нема да поминеш добро„ и „имаме договор со ВМРО, ништо нема да ви се случи“, изјави Фатиме Фетаи, обвинителка во СЈО.

Нејзините зборови предизвикаа лутина кај Гури и неговиот адвокат по што дојде до караница со обвинителката.

Никогаш не сме биле виновни, ниту имаме нешто со ова. Денеска се што имаше јавниот обвинител политички си кажа. Меѓутоа во обвинението нема ништо од тоа. Тие зборови не се употребуваат ни на улица а не на едно судско рочиште кое уште не е почнато, а таа почна со навредливи зборови, рече Гури.

СЈО тврди дека во заканите кои ги испраќале функционерите на ДУИ во изборните членови во Чаир се повикувале и на договор и одобрение од ВМРО-ДПМНЕ. Адвокатите пак тврдат дека преправките во записниците се направени од други луѓе, кои можеби во суд ќе дојдат како сведоци, или јавноста нема за нив никогаш да слушне.