„Алиса зад огледалото“ ќе го отвори фестивалот „Иван се враќа дома“

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва денеска и утре со почеток во 18 часот на сцената на Македонскиот народен театар ќе ја изведе преставата „Алиса зад огледалото” во режија на Иван Поповски, наменета за публика над седумгодишна возраст.

Претставата, со која почнува фестивалот „Иван се враќа дома“, е работена според двете книги за Алиса од Луис Керол, од кои Иван Поповски ја избрал понепознатата и многу поретко поставуваната и филмуваната приказна „Зад огледалото”, како потеатарска и притоа со цврста структура и правила.

„Алиса зад огледалото’ е вистинска енциклопедија на весел апсурд. Тука е можно практично сѐ, бидејќи на секое ‘зошто’, може да се одговори – затоа што тоа се случува ‘зад огледалото’, каде што сѐ е можно или да се каже дека сето тоа е само сон. Претставата изобилува со многу чуда и пресврти. Сценографијата се надополнува со светлото, видеоефектите, магионичарските пресврти… а во претставата има и многу музика: многу стихови кои се вградени во кероловскиот текст се поставени врз музиката и во оваа претстава пеат практично сите“, соопштија од МНТ за првата од трите претстави на фестивалот „Иван се враќа дома“.

„Алиса зад огледалото“ е претстава со најголем буџет досега во театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, над половина милион долари.

„ Не ги жалиме парите за добар спекаткл“, рече вчера на прес-конференција Андреј Варабјов, директорот на овој руски театар, а режисерот Поповски додаде не е важен износот на парите ако има сигурност дека проектот и гледаноста нив ќе ги врати.

За седум години, од премиерата во 2010 година, „Алиса зад огледалото“ на матичната сцена е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници.

Пред македонската публика оваа претстава ќе биде изведена и утре, исто така со почеток во 18 часот.

По две изведби ќе имаат и другите две претстави на Поповски кои гостуваат во Скопје во рамки на фестивалот „Иван се враќа дома“. На 19-ти и 20-ти од 20 часот ќе биде изведена „Отровната туника“ од Николај Гумиљов, која премиерно во театарот „Фоменко“ е поставена во 2002 година, а фестивалот во МНТ ќе заврши со Шекспировата „Сон на летната ноќ“ од 2015 година која е закажана за 22-ри и 23 септември од 20 часот.