Алкалоид ги доби сите интегрирани еколошки дозволи – А

Алкалоид АД – Скопје доби и писмена потврда за заложбите во делот на грижата кон животната средина, како еден од перманентните принципи на деловната политика која ја води со децении. Компанијата успеа да ги добие сите интегрирани еколошки дозволи – А за усогласување со оперативниот план.

По добиената А-дозвола во 2012 година за усогласување со оперативниот план на Алкалоид АД – ПЦ Фармација за локалитетот Автокоманда, компанијата деновиве ги доби и останатите две дозволи за инсталациите, за коишто, согласно со Законот за животна средина, беше потребно да се изработи апликација со оперативен план и да се достави до Министерството за животна средина и просторно планирање. Новодобиените А-дозволи за усогласување со оперативниот план се однесуваат на Алкалоид АД – ПЦ Програма Хемија и за Алкалоид АД – ПЦ Фармација, двете со локација во општина Ѓорче Петров.

Поради усогласување со законската регулатива во земјава и со закoнодавствството на ЕУ, како и заради интегрирано спречување и контрола на загадувањето, Алкалоид уште во 2007 година ги отпочна подготовките за добивање интегрирана еколошка дозвола, потфат за кој се вложени над половина милион евра.

Со ова Алкалоид доби и официјално признание дека е компанија која во текот на секојдневните производствени операции се грижи за интегрирано спречување и за контрола на загадувањето на животната средина.