Алопатија за апатија

И така, семакедонскиот отпор згасна во еден несовршен сив ден кога небото наликуваше на програм кој не емитува, кога се она што делуваше како ужасен крај се случи во една недела. Луѓето со години живееја во хорор од тој ден и кога се случи – ништо, штама, Silent Hill. Немаше отпор, немаше ништо, некаква затупеност, како песната на Pink Floyd – Comfortably numb. Да беше вестерн филм, ќе се тркалаа суви грмушки.

Дел од народот со акутна апатија остава работите да си врват онака како некој замислил за нив. Некои ги фати тага која не знаат да ја процесираат, затоа што таа како да е после погреб – тажен си, а олеснето е. Сигурен сум дека многумина биле сведоци на такви мигови, јас барем живо се сеќавам на некоалку такви „дружби“ кога откако после погреб ќе се соберевме, знаеше да заврши и со хистерична смеа, … олсенување ли е, што ли е…? Не знам, знам само дека некој многу убаво „не“ прочитал и ни спремил 8 сценарија за секој, било кој, потег, кој ќе го повлечевме како народ. Народот и не треба да се срами, инстиктивно ја свати „големата“ и како може да се бори против таа игра во овој даден миг.

Жртва?

Ние не сме спремни да гинеме за оваа земја, никогаш и не сме биле, дали тоа било во некоја соседна земја, во некој друг век, ние како народ никогаш не сме биле подготвени да трпиме такви тешки траорни и погубни делчанија. Се што ни било отпор било чин на поединци, „шака“ поединци, ништо повеќе.

Можеби не сме единствени во тоа, има еден прекрасен филм се вика Пијанист на Полански каде меѓу останатото го покажува и не подсетува на востанието во Варшавското Гето, кога неколку милиони евери беа со години чувани од мал број вооружени војници. Знаеа што ги чека но некако секој како да се надеваше дека ќе преживее и немаше силен отпор. Дури кога се сведоа на едвај неколку десетици илјади се крена востание, кое заврши неуспешно и крваво. Тоа е и таква е човековата природа, секој се надева дека баш него најлошото ќе го мине.

Истите тие методи беа применети и кај нас, тоа се едни и исти начини кои се применуваат секаде и кај секого во различна форма. Кај нас проценија дека апатијата го достигна врвот, потполно губење верба дека некој и нешто може да ја смени состојбата и се донесе законот за јазиците за помалку од недела откако гласаа за промена на името на државата. За помалку народ знаевме и гледавме како во огормен број беа на улица…сега? … иако се вадат дека немало кој да го поведе народот,тоа не е оправдание.

Суштински промашувања

Знам дека еден аналитичар пред скоро 20 г ми држеше лекции за умниот народ кој кога од ЦИА доаѓале и правеле анкети им одговарале едно – а на избори гласале сосема поинаку, тумачјеки го тоа како итроштина на народот стекната низ вековите за преживување. Истите тие не погледнаа подалеку од носот дека токму тие податоци и беа обработени во профилирање како ќе се игра играта кај нас и како ќе се направат замислените промени.

Она што многумина ги боли е зошто таква ништожна игра кон нас. Зошто толку малку поддршка за опстанок на овој народ? Можеби одговорот лежи во еден дијалог помеѓу албанец и македонец во филмот Mocking of Christ На Јани Бојаџи кога го обвинуваат егеецот оти не се борел и гинел како што он сега прави за голема Албанија?

Можеби анализите на службите покажуваат дека нивото на иселување од земјата и стареење на населението и белата смрт која ни се случува едноставно говори дека нема иднина овој народ,  не дека некој му ја земал, едноставно станавме „комотно затупени“. Колку што има вина однандвор  не смеема да ја занемариме вината која самите ја сносиме со своите постапки. Сетоа тоа резултира со ова. Нема деца, нема пород, а се бориме за јазик кој за 50г ќе немаме наследник кој ќе го говори. Училиштата од 6 паралелки сега едвај крпат по една во учебна година. Работната сила се иселува, остануваат старите… А во геополитиката нема празен простор. Дали ќе дојдат на ова место и ќе биде пополнето со кинези, вијетнамци, африканци, или ти не знам со што и со кој, не знам, ниту пак е важно. Празната нива и куќа останува празна но некој ќе ја наследи, ако ние немаме кој, некој друг ќе има.

Вина

И не ни се криви политичарите, ние нив најлесно ги обивнуваме. Боли, но они се нашето огледало. Не, не сме ни ние до толку, не е народот по дифолт злобен, но се што ни се случува ни се случува како резултат на нашето делување или неделување, до толку е едноставно.

Дали народот е исплашен или во апатија и нема желба повеќе да се бори, не знам. Ме чеша да направам анкета…но што со тоа? Што да правам со податок кој го гледам. Во моето маало повеќе нема џагор на деца, а некогаш во ред од десет куќи имаше 30 деца, сега има ред од десет високи згради со десеткратно повеќе станови пордадени – деца нема. Прв пат оваа година, ниту едно дете не затропа на врата за коледе, ниту едно! Чоколадцата ги дарувавме во црква … чемер ми е оти и софрите ни се попразни, за слави и редендени, кога цела фамаилиај се збираше да позајмуваа столици од комшии, цела година гостин не стапнал … кој иселен, кој зафатен, кој му се изгубила трагата…. нема лек за апатија и страв?

Туку, може ли после се ова да треснеме на дното и тргнеме нагоре, на подобро?

За жал, никој не верува во тоа…или? Имам ли право да се надевам? Дали ако имам надеж сега, сум предавник? Дали и надежта стана политичка не-коректност?

Автор: Јанко Илковски за НетПрес