Алтернатива бара од Пендаровски и Маричиќ да се повлече барањето за помилување на Бобан Илиќ

По информацијата дека актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ доставил барање до претседателот Стево Пендаровски за помилување на Бобан Илиќ, казнет за убиството на малиот Алмир Алиу на 25 јуни 2016 година, од Алтернатива денеска на прес-конференција побараа претседателот на државата да не го потпише ова помилување и барањето да биде повлечено.

„Бараме од претседателот на државата да не го потпише ова помилување. Ова не би требало да се случи не само поради тоа што со помилувањето убиецот се амнестира, туку и поради тоа што ова спаѓа во случаите кои ја разнишале тешко меѓуетничката доверба, па помилувањето на казнетиот ќе ја продлабочи уште повеќе не само недовербата во институциите на правдата, туку и кон институцијата Претседател на државата, а ќе влијае и на меѓуетничките односи на нашата земја. Затоа јавно бараме и од премиерот Заев да го потсети неговиот министер Маричиќ дека на 5 декември тој потпишал договор за соработка со претседателот на Алтернатива Африм Гаши, во која една од точките била и согласноста Владата на Република Северна Македонија да побара од Европската комисија да врши меѓународна истрага на судските случаи за кои постои основа на сомневање дека има политички импликации а меѓу кои е и случајот на малиот Алмир“, истакна Нурџан Асановска од Алтернатива.