Алтернатива нема да отстапи министерско место за Алијанса за Албанците

Алтернатива не сака да отстапи министерско место за Алијанса за Албанците, па од партијата на Африм Гаши бараат СДСМ да го почитува договореното и да ги задржат министерските позиции во здравство, информатичко општество и без ресор за дијаспора кои ги добија лани, изјавиле од Алтернатива за Канал 5.

Од партијата на Гаши за Канал 5 велат дека не гледаат потреба за проширување на владиното мнозинство, а целта на преговорите со Арбен Таравари е ДУИ да си ја зацврсти позицијата во случај огнената група да му откаже доверба на Ахмети.

– Единствена измена е стравот на ДУИ бидејќи постои можност партијата на Али Ахмети да остане без „огнените пратеници“. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука. Секако, за Алтернатива е важно да продолжи интеграцискиот процес, да се реализира нашиот политички договор со СДСМ и за нас не менува ништо ако ДУИ или СДСМ сакаат да отстапат место за некоја друга партија. Тоа ќе биде нивна одлука – одговорија од Алтернатива, објави Канал 5.