Амандманите на Беса се вовед во Голема Албанија

„Амандманите на Беса се вовед во Голема Албанија. Честито“. Ова на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ го објави лидерот на „Левица“, професорот Димитар Апасиев.

Тој го напиша неговиот коментар во однос на одложувањата на пленарната седница во македонското Собрание за уставните промени.

Како што е познато условите на движењето „Беса“, односно крилото на овој политички субјект кое го предводи Биљал Касами, е спорноста на, според нив, Предлог-амандманот кој се однесува на државјанството. Тие се категорични дека доколку не им се исполни оваа желба, нема да ги дадат своите гласови во Собранието.

Нивниот предлог се однесува на ставот 3 од амандманот, кој гласи:

„За граѓаните од Албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик ќе гласи “македонско/граѓани на Република Северна Македонија” на албански јазик ќе гласи “eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore” и на англиски “macedonian/citizen of Republic od North Macedonia”.

Според ова, буквален превод: Не е македонско државјанство, туку државјанин на Македонија.

Извори од Беса претходно за медиумите брифираа дека нивниот став е „принципиелен“ и оти нема да гласаат за уставните измени, доколку премиерот Зоран Заев не ги прифати нивните барања.

Лидерот на едно од крилата на „Беса“, Биљал Касами и премиерот, Зоран Заев, за денеска имаат закажано нова средба на која се очекува да се дојде до решение како би се одблокирал процесот за уставни измени во Собранието.

Дополнително процесот се отежнува и поради ставот на осуммината, сега веќе поранешни пратеници на ВМРО ДПМНЕ, кој јавно се изјаснија дека нема да гласаат за уставните измени, ако Зоран Заев ги прифати барањата на „Беса“ на Касами.

Во однос на целата ситуација, свој коментар на статусот на Апасиев дава и професорката Билјана Ванковска.

Таа смета дека потребното двотретинско мнозинство веќе е обезбедено и дека „само не’ држат во тензија за да на крајот дури и си речеме: уф, добро е, можеше полошо да биде!“.

Во нејзиниот коментар таа пишува:

Касами и Сеља никогаш не криеле какви се нивните политички визии и барања, но сега се плашам дека е ова драмолетка со која сакаат да не’ доведат во уверување дека Заев ја брани македонштината (заедно со Бетка и компанија). Албанските лидери никогаш не смееле ни да кивнат без дозвола од Калето, а таму Преспанскиот е апсолутен приоритет. Но, кога ова ќе помине со промената на уставот, со креативно толкување (особено на новата премабула) ќе се премине кон кантонизација и постепена федерализација на државата – за што нема да ни бидат криви ни Грците ни Бугарите. Мислам дека имаат 2/3 мнозинство, само не’ држат во тензија за да на крајот дури и си речеме: уф, добро е, можеше полошо да биде!

Од друга страна, крилото на движењето „Беса“, кое го предводи Африм Гаши, безрезервно го поддржува парламентарното мнозинство на СДСМ.

Пратениците од ова крило на „Беса“, вчера, на нивните профили на „Фејсбук“ објавија идентичен текст:

Би ги замолиле медиумите да објават дека барањата се на Билал Касами, а не на Беса. Беса има јасен став. Само Нато и ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.