Амбасада на САД: Зголемени безбедносни мерки во Грција за претстојните празници поради заканите од терористички организации и поединци

Американската амбасада во Атина, исто како и останатите дипломатски претставништва на САД во Европа, издаде предупредување за зголемени безбедносни мерки во Грција за претстојните празници поради заканите од терористички организации и поединци, јави дописничката на МИА од Атина.

-За време на празниците, безбедносните мерки во Грција остануваат зголемени поради континуираните закани од интернационални терористички организации и поединци инспирирани од насилна екстремистичка идеологија низ Европа. Насилните екстремисти продолжуваат да се фокусираат на локации како што се божиќни празнични базари, трговски центри, аеродроми, клубови, ресторани, места за богослужба, транспортни центри и други места што ги посетуваат туристите, се наведува во соопштението ос Амбасадата на САД во Грција.

Во соопштението исто така се наведува посетителите и туристите да бидат дополнително претпазливи на празничните фестивали, настани и локациите со голема гужва, како и да ги следат локалните медиуми.

„Предупредување од Амбасадата на САД за терористички напад во Атина“; „Американската амбасада стравува за терористички напад во Грција за Божик“; „Опасност од терористички напад во Грција, гледа Американската амбасада во Атина“; „Предупредување од Амбасадата на САД за можен терористички напад во Атина“; „Страв за терористички напад изразува Американската амбасада – упатство за Грција“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми во однос на соопштението. Потоа Американската амбасада преку официјалниот Твитер профил објасни дека станува збор за предупредување во цела Европа за време на празниците и во продолжение, како пример го објавија предупредувањето од Амбасадата на САД во Франција кое што е идентично со она за Грција. с