Амбасадата на Кина во Скопје го одбележува Празникот на средината на есента

46

Традиционалниот кинески Празник на средината на есента вечерва е одбележан во Националната опера и балет во Скопје.

На настанот присуствуваа кинескиот амбасадор во Република Северна Македонија, Џанг Ѕуо, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Никола Јанкуловски, директорите на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, Влатко Стоилков и Лијао Веј, претставници на дипломатскиот кор и голем број гости и личности од јавниот живот во земјава.

Свеченоста ја отвори амбасадорот на Кина во Скопје, Џанг Ѕуо кој ја нагласи одличната соработка меѓу НР Кина и Северна Македонија, наведувајќи ги проектите помогнати од кинеската Влада кои се реализирани во земјава.

– Во моментов, развојот на односите меѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија е добар, политичката основа е се посолидна, економската и трговската соработка се проширува, а се интензивира соработката и во образованието и културата. Задоволство ми е што гледам дека Институтот „Конфуциј“ при УКИМ во Скопје се развива брзо. Се повеќе училишта и владини агенции започнаа часови по изучување на кинески јазик. На тој начин се гради мост на пријателка комуникација меѓу Кина и Северна Македонија. Јас сум многу горд на тоа!, истакна Џанг во својот говор.

Меѓу другото, кинескиот амбасадор се осврна и на иницијативата „17+1“, што претставува платформа за Кина и регионалните земји да ја зајакнат соработката во различни сфери.

– Северна Македонија е извор на кирилицата. Кирил и Методиј ги поставија основите на словенската писменост, а Климент и Наум го продолжија нивното дело. Токму затоа Република Северна Македонија е најпогодна за основање на Центарот за координација за културна соработка „17+1“. Министерскиот форум „17+1“ за културна соработка ќе се одржи во Република Северна Македонија во ноември оваа година. Имаме причина да веруваме дека Центарот за координација ќе има важна улога во културните размени меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, изјави амбасадорот на Кина.

Според кинескиот лунарен календар, Празникот на средината на есента се слави на петнаесеттиот ден од осмиот месец во годината (според грегоријанскиот календар тоа е во септември или октомври), кога месечината е полна, најсветла и најголема. Овој празник се одбележува во континуитет повеќе од 2000 години. Во кинеската култура, полнотијата и кружниот облик на месечината ги симболизираат единството и сплотеноста на семејството. Ова е вториот најзначаен празник во кинеската традиција, по кинеската Нова година. За овој празник семејството се собира во родното место, децата од далеку се враќаат во домовите на своите родители и се посетуваат постарите роднини. Членовите на семејството, на зедничката трпеза, вечераат, јадат месечеви колачиња и се восхитуваат на полната месечина.

Во Кина месечевите колачиња се јадат само на овој празник. Овие кругли колачиња ја симболизираат месечината и семејниот круг, а се служат исечени на парчиња. Бројот на парчиња треба да биде онолку колку што е бројот на членовите на семејството. Месечевите колачиња се подготвуваат од пченично брашно и се полнат со сладок фил од шеќер и толчени лотосови семки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.