Амбасадата на САД во Подгорица: Сите страни треба да учествуваат во дијалогот за Законот за верски слободи

Амбасадата на САД во Црна Гора денеска ги повика сите страни во земјата да се вклучат во конструктивен дијалог за Законот за верски слободи.

– Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност и да избегнат каква било ескалација на насилството или насилни акти, се наведува во соопштението од Американската амбасада.

Исто така, се наведува дека САД силно ги поддржуваат слободата на говорот, на здружување, на собирање и правата на поединците мирно да ја уживаат слободата на вероисповед и убедување.

– Ги почитуваме, исто така, правата на сите суверени земји да носат и применуваат закони во согласност со демократските норми и без станско вмешување, се посочува во соопштението од Амбасадата на САД во Подгорица.

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ синоќа изјави дека ќе прифати дијалог со црквата за Законот за слобода на вероисповед. Неговата изјава уследи откако митрополитот црногорско приморски Амфилохие наведе дека се подготвени да разговараат со премиерот за отстранување на Законот или сите дискриминаторски одредби во него.