Амбасадорите на културата активно работат на претставувањето на македонското творештво во странство

Фото МИА

Министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска одржa редовна работна средба со амбасадорите на културата на Македонија. Од девет носители на оваа почесна титули, шестмина од нив беа на средба со министерката Канческа-Милевска.Секој од нив се осврна  на активностите кои ги реализира во земјата каде што живее и работи, а се во насока на промоција на македонската култура.

И за оваа година е предвидено поттикнување на заедничката соработка меѓу Министерството и уметниците за одредени проекти во кои ќе бидат и вклучени соработници и нивни колеги од странство. Милчо Манчевски во САД, Иво Трајков во Чешка, Елена Мисиркова во Австрија, Снежана Пановска во Малезија, Благоја Нацоски во Италија, Владо Јаневски во Хрватска, Зафир Хаџиманов во Србија, Горан Стефановски во Англија и Иван Поповски во Русија се наши амбасадори на културата во овие држави каде што живеат и творат.

„Меѓудругото на средбата се договоривме да го промовираме творештвото на амбасадорите на културата во земјите каде што живеат и творат. Имаат богата творечка дејност и таа треба да се промовира како во Македонија и државите каде што живеат.Голем број иницијативи кои произлегоа од амбасадорите, Министерството ќе ги прифати за уште поголема промоција на македонското творештво надвор. Ги информирав за активностите во областа на културата, стимулациите, мерките, инвестициските активности на министерството,“ изјави министерката за култура Канческа-Милеска.

Таа истакна дека годинава се одбележуваат 20 години од дипломатските односи со повеќе земји меѓу кои Унгарија, Австрија, Чешка, Јапонија, Ватикан, а амбасадорите на културата ќе дадат голема поддршка во одбележувањето со културни и музички настани.

Оперскиот пејач Благој Нацоски живее во Италија и освен таму, настапува во целиот свет. Секогаш како што вели се труди неговите колеги да изведат македонски дела.

„Македонските композитори не се застапени доволно во светот. Секогаш се трудам да изведам дела од нив во класичната музика. Годинава ќе се обидам да се преработат македонски народни композиции во класичен стил. Важно е кога мои колеги ќе изведат македонски дела, некои од тие дела потоа остануваат на нивниот редовен репертоар иако не се обврзани на тоа. Таков е случајот со хор во Рим кој на нивниот редовен репертоар имаат дела од Прокопиев и Скаловски, како и јапонски хор кој пее во 7/8 ритам,“ изјави Нацоски кој и годинава ќе биде ангажиран околу музичката соработка меѓу македонски и италијански уметници во насока на одбележување на годишнината на државните односи.

Режисерот Милчо Манчевски истакна дека македонската култура ја претставува преку неговото филмско творештво, изложба на фотографии, книга. Ретроспектива на неговото творештво имало во кинотеките во Виетнам и Болоња, а предавања имал на Кембриџ и универзитетите во САД. Последната година неговиот краток филм „Четврток“ со кој се претстави на отворањето на филмскиот фестивал во Венеција и филмот „Мајки“ биле претставени на 40 фестивали.Тој очекува поддршка од Министерството за култура за неговото творештво, бидејќи како што истакна до сега тоа било во приватна режија.Министерството за култура ќе даде поддршка и на промоцијата на творештвото на Манчевски на различни фестивали и манифестации.

Пијанистката Елена Мисиркова освен преку концертите, македонската култура ја поддржува и на тој начин што им помага на наши уметници да се претстават и во Австрија. Годинава ќе биде организирана голема изложба од австрискиот сликар Леополд Фоснер кој пред 100 години творел во Скопје и направил слики од животот во тој период. Бидејќи творел не само во Македонија туку и секаде на Балканот, изложбата ќе започне од Македонија.

Пијанистката Снежана Пановска која е амбасадор на културата во Малезија, ќе помогне за настап на МОБ во Бангкок, а и на Камерниот оркестар во Малезија. Им помага на малезиските музичари да научат македонски, а преку неа и наши сликари го претставуваат своето творештво таму.

Свои придонеси за културата имаат и режисерот Иво Трајков кој живее и работи во Чешка каде што за првпат лани имало избор на македонски проект за сценарио од кое подоцна треба да се развие и филм.

„ Живеејќи и творејќи во средината каде што сме и движејќи се со тој круг на уметници и луѓе ние ја претставуваме земјата од каде што доаѓаме. Преку нашата уметност и филмови ја претставуваме и културата,“ изјави Трајков.

Следната средба меѓу министерката Канческа-Милевска и амбасадорите на културата ќе биде остварена на 11 јули на отворањето на Охридско лето.Таа истакна дека ќе се направат заложби за нивно поголемо присуство дома, па најави дека режисерот Иван Поповски кој живее и работи во Москва, да направи претстава за во новиот МНТ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.