Амбасадорот Сашо Тодоровски вратен од Прага, не почитувал инструкции, а ја претставувал сопругата како аташе

Амбасадорот Сашо Тодоровски е вратен од Прага поради низа утврдени неправилности, информира денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на онлајн брифингот со новинарите.
Како причина за неговото отповикување, Османи наведе дека имало констатирано нерегуларности во функционирањето, лажно претставување на сопругата како културен аташе во Прага и дека не се испочитувани инструкции од страна на МНР.
– Еден амбасадор имаме отповикан од функцијата на средината на мандатот поради констатирани нерегуларности во функционирањето и амбасадорот е вратен од својот мандат, рече Османи кој посочи дека ова било процедура што траела повеќе месеци.
Османи упати жалење во однос на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за листата на амбасадори за кои се чекаат агремани, оценувајќи го тоа како тежок дипломатски скандал.
-Ја разбирам потребата за заострување на политичката реторика на една година пред избори. Меѓутоа, морам да дадам порака дека има некои прашања коишто се свети и не можат да бидат дел од дневно политичката борба. Дипломатијата, меѓуетничките односи, одредени структури во општеството не смеат да бидат карти за поткусурување на политичките партии пред избори. Се обидувам и сум се обидувал никогаш дипломатијата да не ја ставам во функција, меѓутоа нема да дозволам партиски пишувачи на говори да ги дискредитираат луѓето врз основа на лажни информации коишто произлегуваат од различни канали и да испратат лоша порака до земјите коишто треба да дадат агреман по однос на тие дипломати, рече Османи.
Тој нагласи дека во оваа фаза од процесот, се додека не се добие агреман од земјите, не може да коментира за номинираните амбасадори.
Со нивното испраќање, додаде Османи, ќе бидат исполнети речиси 100-процентно нашите ДКП. -Поголем број на дипломатско-конзуларни претставништва ќе бидат пополнети во наредниот период.
-Притоа ќе бидеме доведени во ситуација можеби за првпат едно или ниедно ДКП да има вршител на должност, туку да бидат 100 отсто пополнети со амбасадори, вели шефот на дипломатијата Османи.