Американците потрошиле рекордни 9,4 млрд долари на „Сајбер понеделникот“

Американците потрошиле рекордни 9,4 милијарди американски долари за купувања на ткн „Сајбер понеделник“, кога на клиентите на онлајн продавниците им се овозможени големи попусти, објави во вторникот мрежата CNBC повикувајќи се на податоците на Adobe Analytics која ги анализира информациите добиени од 80 од 100-те најголеми американски трговски мрежи.

Според анализата, трошоците на Американцте за купување преку интернет на „Сајбер понеделникот“ се зголемиле за 19,7 отсто во однос на минатата 2018 година, кога вкупната потрошувачка изнесувала 7,9 милијарди долари. Според Adobe Analytics, просечниот чек на љубителите на онлај распродажбите овојпат се зголемил за 6 отсто. Главни ставки во расходите оваа година биле играчки, конзоли за видео игри, телевизори и лаптопи.

Претходно истата компанија објави за рекордната потрошувачка на Американците на „Црниот петок“, денот на најголемите попусти кој следува во Денот на благодарноста кој во САД се одбележува секој четврти четврток во ноември. Според нејзините податоци, биле потрошени 7,4 милијарди долари, а од нив дури 2,9 милијарди долари се потрошени за набавки извршени преку паметни телефони.

Петокот по Денот на благодарноста традиционално го означува почетокот на предбожикните распродажби. Терминот „Црн петок“ првпат бил искористен да се опише паниката на берзата во 1869 година, а во современата смисла се користи од 1950-те години за опишување на сообраќајниот метеж кој тој ден е вообичаен за трговските центри. Во ноември 1975 година весникот The New York Times го употреби терминот „Црн петок“ за да го опише денот во годината кога е најинтензивен сообраќајот во градот, а во трговските центри има најмногу потрошувачи.

Со „Сајбер понеделник“ се означува големата распродажба во онлајн продавниците, треска која прво ги зафати Американците а потоа и остатокот од светот, многу подоцна од „Црниот петок“. Овој термин првпат беше користен во 2005 година. Попустите на овој ден првично беа наменети за канцелариските службеници кои по враќањето од продолжениот викенд за Денот на благодарноста, продолжуваа со купувањата од канцелариските компјутери.